„Кадровската екипираност речиси во сите институции во областа на културата е катострафална и затоа ќе работиме на тоа состојбата од темел да ја подобруваме. Ќе се подобрува и техничката состојба на објектите, како што е случајот со изградбата на Универзалната сала во Скопје или подобрувањето на кровните конструкции на Народниот театар во Штип и во други градови кои прокиснуваат и кубурат со кадар, посебно техничкиот“, рече министерот за култура Зоран Љутков при дeнешната посета на културните институции во Штип.
Тој рече дека неговите посети се за да се види каде треба да бидат приоритетите. Но, објективно е дека насекаде итно решение не е можно, затоа во 2025 година се создаваат поголеми финансиски можности за надминување на овие проблеми со конкретни проекти за санација на театрите во Штип, Битола, Прилеп, завршувањето на Турскиот театар и други културни институции.
Љутков најавува дека ново во културата ќе биде начинот на буџетирање на националните установи, а тоа е делегираниот буџет со тоа што самите директори во своите установи ќе имаат поголема автономија, но ќе имаат и поголема одговорност.
„Министерството нема да ги селектира проектите, туку во старт ќе се одобрат средства, а потоа ќе ги евалуираме или ќе вршиме мониторинг на процесите како се работени“, рече Љутков.
По посетата на археолошкиот локалитет Баргала, Љутков рече дека тој е од стратегиско значење за владините политики за развој на културниот туризам и дека има изготвено ревалоризација што ќе обезбеди и нов режим на заштита.
„Затоа и со надлежната установа Завод и музеј-Штип и со градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, ќе се заложиме и за поголема искористеност на туристичкиот павилјон во состав на локалитетот и за промоција на црквата ‘Св. Ѓорги’, кои прават еден исклучително атраткивен комплекс за афирмација на културта и историјата на овој регион“, рече Љутков.
Т. ЈОВАНОВСКИ