Иако граѓаните од југоистокот на референдумите се изјаснија проти отворање на какви било рудници и бараат ревизија на веќе издадените концесии за истражувања и експлоатации, Министерството за економија бара мислење за издавање на нова концесија за детални геолошки истражувања за минерални суровини на планината Кожув.
Станува збор за барање од канадската компанија „Нефсун“ која во 2015 година од Владата на Греувски има добиено дозвола за проспекциски истражувања, а сега бара концесија за детални геолошки истражувања за локалитетот ,,Матушница-Исток”, кој се наоѓа на територијата на општина Кавадарци, а како засегната е општина Гевгелија. Министерството за економија, согласно законот за минерални суровини, од општините бара во рок од 15 дена да се изјаснат и дадат мислење за барањето за доделување концесија за истражување на металични минерални суровини.
„Го добивме барањето и веќе од утре ќе биде разгледано од стручните служби на општината за која локација станува збор. Доколку навлегува во заштитниот појас ‘Лукар’ од каде општина Кавадарци но и останатите општини од овој регион се снабдуваат со вода за пиење, веднаш ќе дадеме негативно мислење. Доколку станува збор за друга локација која не ги зафаќа изворите, ќе го анализираме еколошкиот аспект на барањето за концесија и преку јавна расправа, дебата ќе донесеме соодветен заклучок. Не ја исклучуваме и можноста за ова барање да расправа и Советот“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев кој рече и дека овие денови ќе ги ангажира сите служби по ова прашање за да се одговори во законски предвидениот рок.
Првиот човек на општина Гевгелија Сашко Поцков вели дека барањето од Министерството за економија го добиле завчера и веќе на следната закажана седница на Советот во четврток ќе се расправа за него иако како што вели градоначалникот епилогот се знае однапред, дека ќе има негативно мислење.
„Сакаме постапката да биде транспарентна. За ова прашање треба да бидат информирани сите советници а преку нив и граѓаните. Мојот став, ставот на мнозинството во Советот предводен од СДСМ но и на граѓаните на општина Гевгелија е многу јасен НЕ за рудници, ДА за животот, така да нема потреба тука за коментар. Уверен сум дека негативно ќе се изјаснат и независните па и советниците од ВМРО ДПМНЕ“, ни изјави градоначалникот на Гевгелија Сашко Поцков.
Активистите од југоистокот против рудници останаа затечени од барањето на министерството за економија за нова концесија за детални геолошки истражувања на планината Кожув, конкретно за локацијата „Матушница-Исток“. Велат дека ова е играње мајтап на државните служби, бидејќи ставот на граѓаните од овој дел на државата е познат бидејќи со месеци се борат против издавање какви било дозволи и концесии за отворање рудници на Кожув но и кај Валандово и Струмица
Во април годинава, на референдум 13.097 гевгеличани се изјаснија дека се против какво било издавање дозволи и концесии за отворање на рудници на планината Кожув.
В. ТРАЈКОВ