ВЛАДАТА ЌЕ СУБВЕНЦИОНИРА 400 ДЕНАРИ ЗА ОТКУПЕНО ЈАГНЕ, СТОЧАРИТЕ БАРААТ ДВОЈНО ПОВЕЌЕ

    ВЛАДАТА ЌЕ СУБВЕНЦИОНИРА 400 ДЕНАРИ ЗА ОТКУПЕНО ЈАГНЕ, СТОЧАРИТЕ БАРААТ ДВОЈНО ПОВЕЌЕСточарите добија одговор од Владата седум месеци по одржаните протести (Фото: СДК.МК)

    Владата одлучи да ги субвенционира сточарите со 400 денари за секое откупено јагне, но тие се незадоволни. По реакциите и протестите на одгледувачите на овци на почетокот на годинава, Владата на седницата во вторникот донела одлука за дополнување на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година.

    „За да се намалат загубите на одгледувачите на овци, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се воведе нова, дополнителна подмерка за предадено јагне во регистриран кланичен капацитет во висина од 400 денари за грло“, пишува во соопштението на Владата.

    Одгледувачите на овци се незадоволни од сумата и додаваат дека така повторно се во загуба.

    „По протестот во Велес на 27 март, надлежните ветија дека решение ќе има по вториот круг од претседателските избори. Кога ги почнавме преговорите со Министерството за земјоделство во декември лани, баравме 800 денари за јагне, а добивме 400. Еве ја математиката. Производната цена на јагнето, според Институтот за сточарство, е 174 денари. Годинава цената на откупот се движеше од 120 до 130 денари за килограм. Тие се тешки меѓу 15 и 20 килограми. Или, за едно продадено јагне добиваме максимално 2.600 денари, а за истото јагне производната цена е 3.400. Затоа баравме 800 денари за да се покријат трошоците. Со овие 400 што ги добиваме, повторно сме во загуба“, вели Митко Јанков, претседател на здружението „Агро центар“.

    Според неговата проценка, пролетоска биле откупени меѓу 200 до 250 илјади јагниња од Македонија.

    „Мислат дека има многу пари во овчарството, а не знаат колку трошоци имаме. Еве, волната со години не се откупува и завршува во ѓубре. Ни земаат 50-60 денари за стрижење, а истата ја фрламе“, рече Бајрам Муслиу од велешкото село Горно Јаболчиште.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира