ВЛАДЕЈАЧКИТЕ ПАРТИИ ГО ОДБИЈА ПРЕДЛОГОТ ДА СЕ ПОБАРА ОД ВЛАДАТА ДА Ѝ ДАДЕ НА БИТОЛА 20 ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ

    ВЛАДЕЈАЧКИТЕ ПАРТИИ ГО ОДБИЈА ПРЕДЛОГОТ ДА СЕ ПОБАРА ОД ВЛАДАТА ДА Ѝ ДАДЕ НА БИТОЛА 20 ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ„Кога може Скопје да добие 100 електрични автобуси, зошто Битола да не добие барем 20“, кажа советникот Димитар Кузмановски (Фото: СДК.МК)

    По дискусијата на Комисијата за јавни и комунални дејности дека јавниот превоз во Битола е нефункционален, на денешната седница на Советот советникот од ЛДП Димитар Кузмановски предложи градоначалникот Коњановски да упати барање до Владата за набавка на 20 електрични автобуси за Битола.

    „Го слушавме премиерот како најавува 100 електрични автобуси за Скопје. Кога може Скопје да добие 100 електрични автобуси, зошто Битола да не добие барем 20 и еднаш засекогаш да го решиме проблемот со превозот, што речиси и го нема. Бидејќи во буџетот никаде не е наведено дека ќе инвестираме во јавното претпријатие, не ни останува друго освен да побараме помош од Владата”, рече Кузмановски.

    Тој предложи автобусите да бидат во сопственост на новото јавно претпријатие „Пелалинк“ и да се користат за редовен еколошки превоз во Битола. Смета дека на овој начин ќе се надмине проблемот со нередовните линии и со недостигот на превоз во недела и празници.

    Предлогот на Кузмановски беше отфрлен од мнозинството во Советот: 17 советници од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ гласаа „против“. „за“ беа 10 советници од Поинаку, СДСМ, ЛДП и ДУИ, а советникот од Грин беше воздржан.

    На седницата на Комисијата за јавни и комунални дејности одржана на 25 декември, од општинската администрација признаа дека има проблем со јавниот превоз што го вршат приватни превозници, дека не се вози до одредени дестинации иако се предвидени и дека некои превозници не ги почитуваат саатницата и бројот на превозни средства. Беше кажано дека се потребни дури три записници месечно со констатирани неправилности за да им биде раскинат договорот, а на терен, по еден направен записник се подобрувале во работата до извесен период, но се појавувал сличен случај со друг превозник.

    На денешната седница има предлог за субвенционирање на јавното меѓуопштинско претпријатие „Пелалинк“, а градоначалникот претходно кажа дека годинава планираат да го обноват возниот парк на претпријатието. Дел од превозниците порано имаа изјавено дека ги исполнуваат обврските најефикасно што можат, користејќи ги комплетно своите ресурси, во услови на зголемени цени за горивото и неисплатливост на одредени линии.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира