ВМРО-ДПМНЕ и Левица денеска соопштија дека обезбедиле мнозинство во Советот на Град Скопје со 24 советници од вкупно 45. Двете партии велат дека СДСМ и ДУИ ќе бидат опозицијата во Град Скопје.
„Досегашната парламентарна опозиција во македонското Собрание, преку своите освоени советници во Град Скопје на последните Локални избори 2021, обезбедија апсолутно мнозинство од 24 советници од вкупниот број на 45 советници во Советот на Град Скопје. Новото градско мнозинство ќе функционира по принципот на конкретна соработка на точно одредени програмски проекти кои се во јавен интерес на народот и исклучиво за доброто на локалните жители и на месното население. Со ова, обзнануваме дека актуелната владина коалиција на СДС и ДУИ ќе биде опозиција во градот Скопје“, се вели во соопштението, испратено од двете партии.
Според објавените бројки, во новото мнозинството влегуваат и Алијанса за Албанците и Алтернатива.
На локалните избори на 17 октомври, ВМРО-ДПМНЕ освои 18 советници, Левица 4, а коалицијата Алијансата за Албанците/Алтернатива 2. СДСМ освои 12, ДУИ 5, ЛДП/ДОМ 2 и Зелен хуман град 2.