ВМРО-ДПМНЕ НЕ ДОЗВОЛИ СОВЕТОТ НА ГРАД СКОПЈЕ ДА РАСПРАВА ЗА ДИВОГРАДБИТЕ ВО ЧАИР ОТИ АРСОВСКА ПРАВЕЛА ЦИРКУЗИ, ТАА РЕЧЕ ДЕКА БРАНАТ КРИМИНАЛ

    ВМРО-ДПМНЕ НЕ ДОЗВОЛИ СОВЕТОТ НА ГРАД СКОПЈЕ ДА РАСПРАВА ЗА ДИВОГРАДБИТЕ ВО ЧАИР ОТИ АРСОВСКА ПРАВЕЛА ЦИРКУЗИ, ТАА РЕЧЕ ДЕКА БРАНАТ КРИМИНАЛСоветниците од ВМРО-ДПМНЕ не дозволуваа Арсовска да се обрати од говорницата, дофрлувајќи ѝ од место и велејќи ѝ дека нема право за земе збор кога дневниот ред не е изгласан. (Фото: К. Попов)

    Советниците од ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и Зелен хуман град во Советот на Град Скопје денеска не дозволија да се расправа за дивоградбите во Општина Чаир. По барање на градоначалничката Данела Арсовска беше свикана вонредна седница, но бидејќи советниците од ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и Зелен хуман град не гласаа или беа воздржани за дневниот ред, немаше мнозинство, па седницата не се одржа.

    Советниците од ВМРО-ДПМНЕ не дозволуваа Арсовска да се обрати од говорницата, дофрлувајќи ѝ од место и велејќи ѝ дека нема право за земе збор кога дневниот ред не е изгласан.

    „Градоначалникот, според деловникот за работа, има неприкосновано право да побара глас и да го добие. Јас овде излегувам само да ви кажам зошто барам да се одржи седницата, сакам да ви покажам документи кои градоначалникот Висар Ганиу ги фалсификувал. Тој фалсификувал документи дека Град Скопје дал решение и пресметало комуналии за објект дивоградба. Тоа што не ми дозволувате да се обратам покажува дека се плашите и дека го браните Ганиу“, рече Арсовска.

    Советниците од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека нема да гласаат да се расправа за оваа точка, оти Арсовска на четири месеци пред избори прави циркузи и дека со дивоградбите требало да се занимава изминативе три и пол години, а не сега.

    Градоначалничката Арсовска изминативе две недели објавуваше дивоградби во Чаир како и фалсификувани документи со кои градоначалникот Висар Ганиу ги легализира и ги впишува во Катастар. Арсовска за овие обвинување достави и документи во Обвинителството. На ова Ганиу ѝ одговори дека секаде низ Скопје имало дивоградби, не само во Чаир, а ако има незаконски дејствија да постапи Обвинителството.

    Обвинителството денеска отвори истрага за дивоградбата во Чаир, но оваа зграда не е во листата на дивоградби кои ги објавуваше Арсовска. Како што соопштија од Обвинителството, објектот почнал да се гради во 2024 година, без одобрение и на државно земјиште на улицата Кемал Сејфула во Чаир. Осомничениот, како управител на правно лице, се јавува како инвеститор на градбата – станбена зграда со деловни простории и катност приземје, шест ката плус поткровје, наменети за продажба.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира