ВО БИТОЛА ЌЕ СЕ ОТВОРИ РЕГИОНАЛЕН СОВЕТОДАВЕН ЦЕНТАР ЗА ЖРТВИ ОД СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО

    ВО БИТОЛА ЌЕ СЕ ОТВОРИ РЕГИОНАЛЕН СОВЕТОДАВЕН ЦЕНТАР ЗА ЖРТВИ ОД СЕМЕЈНО НАСИЛСТВОМеморандумот го потпишаа Општина Битола и Националната мрежа против семејно насилство. (Фото: СДК.МК)

    Општина Битола и Националната мрежа против семејно насилство денеска потпишаа меморандум за отворање Регионален советодавен центар за помош и поддршка на жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство во Пелагонискиот Регион. Градоначалникот Тони Коњановски рече дека официјалните податоци покажуваат значително зголемен број на жртви од семејно насилство во Битола.

    „Според податоците на Центарот за социјална работа, во 2021 година значително е зголемен бројот на жртви од семејно насилство и имало 148 случаи, од кои 105 жени, 28 мажи и 15 деца. Во сите овие 148 потврдени случаи, само на два им е пружена психосоцијална поддршка и во Центарот за социјална работа се евидентирани како жртви на семејно насилство. Од таму неопходноста од отворањето на еден ваков центар. За целиот Пелагониски Регион од Центрите за социјална работа Битола, Ресен, Кршево и Демир Хисар во перидот од јануари 2020 до јули 2021 година вкупно се пријавени и евидентирани 588 жртви на семејно насилство од кои 412 се жени, 164 мажи и 12 деца“, рече Коњановски.

    Претседателката на општинскиот Совет Габриела Илиевска посочи дека е неопходно да се обезбеди поголем капацитет за сместување на жртви од семејно насилство и други ресурси во Битола и Пелагонискиот Регион.
    Советодавниот центар ќе биде наменет за сите општини од Пелагонискиот Плански Регион.

    „Ќе има тим од социјален работник, правничка, психотерапевтка и кариерна советничка. Социјалната работничка ќе ја прими жената, ќе направи проценка на ризикот од повторување на насилството, проценка на сите околности, индивидуалните потреби на жената и децата и ќе направи план за идните чекори. Правничката ќе ја придружува жртвата до инстутуциите доколку треба да пријави насилство. Психолошка поддршка е за надминување на траумите и ќе биде континуирана и долготрајна. Кариерното советување да им се помогне на жените да бидат економски независни“, рече Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилството врз жените и семејното насилство.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира