Тригодишно дете е меѓу деветтемина битолчани позитивни на коронавирус, евидентирани во денешниот здравствен билтен, потврдија од Центарот за јавно здравје од Битола.
„Деветте лица од Битола се на возраст од 3 до 72 години од кои пет лица даваат податок за контакт со веќе регистрирано позитивно лице (фамилијарен контакт), а останатите четири меѓусебно не се поврзани и не даваат податок за контакт со позитивно лице“, соопштија од Центарот за јавно здравје.
Од појавата на пандемијата до денес, најмалиот заразен во Битола беше тримесечно бебе, кое се разболе на 23 август, а по две недели од Министерството за здравство соопштија дека бебето ја победило болеста. Болни од ковид-19 беа и битолчани на една и четири години кои се разболеа летово и потоа закрепнаа.
Последната недела забележан е пораст на дневниот број на заболени во Битола, кој се движи околу десет. Рекорден број имаше вчера кога на дневна основа беа регистрирани 12 новозаболени, меѓу кои и 16-годишен тинејџер. Во Битола активниот број на случаи е 97.
Денес по иницијатива на Општина Битола јавните претпријатија извршија масовна акција за чистење и дезинфицирање на градот. Во основните училишта и градинките, покрај чистењето, се вршеше и дезинфекција на објектите, дворовите и приодите, со механизација и грбни рачни пумпи за дезинфицирање. Се изврши и чистење на Градското шеталиште, вклучувајќи го и просторот околу бистите, како и самите бисти на паднатите борци.
Ж. ЗДРАВКОВСКА