Општина Битола ќе го субвенционира јавното претпријатие „Паркинзи“ со 1.500.000 денари (24.590 евра) за купување на електрично вовче „Мечо“. Вакво вовче пред повеќе години превезуваше битолчани и туристи од Широк Сокак до зоолошката градона и назад. Сега ќе се воведува преку Програмата за субвенционирање на јавните претпријатија во 2023, преку која Општина Битола ќе даде речиси 100.000 евра за да ги помогне претпријатијата што самата ги основала.
На седницата на Советот беше кажано дека парите се за годишните планови за работа и инвестициски програми на претпријатијата. Така, индустриската зона „Жабени“ ќе добие 450.000 денари за одведување и пречистување отпадни води и за тековни трошоци, а истата сума ќе ја добие и „Нискоградба“ за купување машина за чистење канализација. За јавен локален превоз планирани се 699.770 денари, а 3.000.000 денари за дел од трошоците на „Пазари“.
Советникот од опозициската СДСМ, Борче Корлевски, рече дека програмата за „Жабени“ наликува на магиите на Дејвид Коперфилд зашто со 6.500 евра ќе направи одведување, зелени површини, тековно работење, енергетска ефикасност и фотоволтаици.
Неговиот колега Методија Илиевски од СДСМ рече дека ќе ја поддржат програмата, но додаде дека се случил феномен во една година да се сменат тројца директори. Директорката на „Комуналец“, Гордана Наумовска, беше заменета со дотогашниот прв човек на „Паркинзи“, Горан Степановски од ВМРО-ДПМНЕ. На негово место дојде Зоран Михајловски од ВМРО-Народна партија. Претходно, директорката на „Пазари“, Соња Карапашовска, беше заменета со Николче Гацовски од Подем.
„Јас сум советник во три мандати и ваков феномен досега немало. Се менувале директори, ама во целиот мандат од четири години. Ова покажува дека владејачката гарнитура менува директори за лични интереси“, рече Илиевски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА