ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА УШТЕ 10 БОЛНИ ОД КОВИД-19, НО СЕГА СЕ ПРЕОПТОВАРУВА ИНТЕРНОТО ОДДЕЛЕНИЕ ОД ПОСТ-КОВИД КОМПЛИКАЦИИ

    ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА УШТЕ 10 БОЛНИ ОД КОВИД-19, НО СЕГА СЕ ПРЕОПТОВАРУВА ИНТЕРНОТО ОДДЕЛЕНИЕ ОД ПОСТ-КОВИД КОМПЛИКАЦИИВо моментов пациентите што се лекуваат во болницата се со малку подобра клиничка слика зашто се хоспитализирани подолг период. (Фото: СДК.МК)

    Дури за 94 проценти намален е бројот на хоспитализирани пациенти со ковид-19 во Битолската клиничка болница, но порасна оптовареноста на Интерното одделение поради наплив на лица со пост-ковид последици, велат од болницата.

    Од 170 хоспитализирани колку што се лекуваа во ковид-центарот во Битола за време на најголемиот пролетен бран со коронавирус, бројот на болни сега падна на 10. Значително е намален притисокот со прегледи во тријажната и ковид амбулантата.

    „Моменталната состојба дојде како пресекување со нож, нагло паѓање на бројката граѓанки и граѓани што бараат болнички третман од ковид-19. Сепак, ова не е крајот. Уште треба ги почитуваме препораките и да се пријавуваме за вакцина“, вели Билјана Гагачовска, директорка на Клиничката болница во Битола.

    Таа смета дека силината на вирусот не е намалена, но во моментов пациентите што се лекуваат во болницата се со малку подобра клиничка слика зашто се хоспитализирани подолг период.

    „Сега имаме поголема оптовареност на одделението за интерна медицина бидејќи многу од пост-ковид состојбите прават компликации од интернистичка природа кои бараат подолготрајно лекување“, вели Гагачовска.

    Со пост-ковид рахабилитација на ковид пациенти започна да работи Заводот во Отешево. Дел од пациентите кои се со лесна и средно-тешка слика на компликации се испраќаат таму.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира