ВО БИТОЛСКАТА КЛИНИЧКА БОЛНИЦА ОТВОРЕН ЦЕНТАР ЗА ДОЈКА

    ВО БИТОЛСКАТА КЛИНИЧКА БОЛНИЦА ОТВОРЕН ЦЕНТАР ЗА ДОЈКАМинистерот Филипче пушти во употреба најсовремен мамограф на денот кога Битола слави 75 години од ослободувањето (Фото: СДК.МК)

    Клиничката болница во Битола доби Центар за дојка, откако денеска во употреба беше пуштен најсовремен мамограф за скининг на карцином на дојка. Во Центарот може да се направат и магнетна резонанца и ехо дијагностика кај пациенти не само од Битола, туку од Југозападниот регион, со што тие добиваат прецизна дијагностика. Центарот е отворен на денот кога Битола слави 75 години од ослободувањето.

    „Ова е најсовремен апарат, најсовремена технологија која има најдобри карактеристики и сето тоа служи дијагностиката да се одвива многу прецизно. Искуствата во светот покажуваат дека ваквиот тип мамографи дава многу точни и прецизни резултати“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

    Апаратот чини 120.000 евра, обезбедени од ИПА проект за прекугранична соработка со Грција. Ќе овозможи интегрирање на информациските системи помеѓу болниците во Битола и Гевгелија и неколку здравствени институции во Грција.

    „Ги подобруваме релациите и комуникацијата со здравствените институции во Грција. Проектот става акцент на превентивните програми, па се надеваме дека ќе имаме можност да работиме на рано откривање на малигните болести“, рече Филипче.

    Целиот проект чини 173.668 евра, а со 15 проценти учествува и Министерството за локална самоуправа.

    „Со докторскиот тим по 15 ноември ќе почнеме со едукативни работилници, предавања за превенција од карцином на матка и дојка. Одиме во Преспанскиот регион и Новаци. Во февруари ќе има обуки на наши доктори од страна на реномирани предавачи од Грчкиот универзитет во Солун, а потоа ќе почнеме со скинингот. Со превоз ќе ги земаме пациентите од помалку пристапните региони и ќе ги носиме во болницата на преглед. Окоу 200 пациенти ќе добијат здравствена услуга“, рече Билјана Христовска, координатор на проектот.

    Во Битолската болница има девет радиолози. Министерот Филипче најави дека при крај е инсталирањето на акцелераторот и се надева дека во декември ќе проработи, па пациентите во Битола ќе добиваат и зрачна терапија. Тој најави дека се прават обиди да се модернизира и стариот ангиограф во болницата, но доколку не се успее во тоа, ќе се набави најнов.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира