Раководството и вработените во Хидросистемот (ХС) „Брегалница“ ја оценуваат наводнувачката сезона како успешна, бидејќи при самиот крај во акумулацијата „Калиманци“ има уште 11 милиони кубни метри вода. Се очекува овие количества да бидат доволни за наредните десетина дена до кога, според нив, ќе трае годинашнава сезона.
Сезоната започнала во првата половина од годината со чистење на 150 километри бетонски и земјени канали, кои се протегаат низ општините Виница, Кочани, Карбинци, Штип и Свети Николе.
„Со оглед на сушниот период во поголемиот дел од годината, сезоната ја започнавме со 78 милиони кубни метри вода. Август го започнавме со расположиви 20 милиони кубни метри вода, но до 20 септември, до кога сметаме дека ќе трае наводнувачката сезона, на располагање имаме 11 милиони кубни метри вода. Се цени дека ќе бидат доволни да се наводнат уште 4.000 хектари. Го извршивме последното наводнување на луцерката во Овче Поле преку десниот магистрален канал долг над 110 километри и преостанува уште наводнување на оризовите површини во Кочанско“, вели раководителот на „Брегалница“, Горанчо Зашов.
Тој најавува инвестиции за дел од каналската мрежа. Веќе се одобрени средства за комплетна реконструкција на отворениот бетонски канал во Кочани во должина од пет километри, но со оглед дека оваа каналска делница е доста руинирана, се смета дека ќе биде потребна изградба на речиси целосно нов канал. Исто така, се предвидува реконструкција на каналската мрежа кон селата Соколарци и Жиганци во должина од три километри, а во план е и набавка на механизација, багери и слично.
Зашов рече дека оваа година се надминати ланските проблеми со нередовните плати, па сега 33-цата вработени во ХС „Брегалница“, но и во останатите хидросистеми во Македонија се исплаќаат редовно.
Т. ЈОВАНОВСКИ