ВО ДЕБРЦА ОДБЕЛЕЖАНИ 76 ГОДИНИ ОД ИЗДАВАЊЕТО НА МАНИФЕСТОТ НА ГЛАВНИОТ ШТАБ НА НОВ И ПОМ

    ВО ДЕБРЦА ОДБЕЛЕЖАНИ 76 ГОДИНИ ОД ИЗДАВАЊЕТО НА МАНИФЕСТОТ НА ГЛАВНИОТ ШТАБ НА НОВ И ПОМОвој документ повикува на чување на единството помеѓу етничките и верските заедници, кажа претседателот Пендаровски на средбата во Дебрца (Фото: СДК.МК)

    Во селото Црвена Вода, Општина Дебрца, вчера беа одбележани 76 години од издавањето на Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ. На големиот собир присуствуваше и претседателот Стево Пендаровски.

    „Денеска сме заедно во Црвена Вода за да се потсетиме на прогласувањето на најважниот од тие документи – Манифестот на Главниот штаб упатен до македонскиот народ. Тој е важен не само затоа што е прв официјален документ на македонски јазик отпечатен во првата партизанска печатница ‘Гоце Делчев‘, сместена токму тука, туку и затоа што во себе ги содржи трите лекции за континуитетот, соживотот и за сојузништвото. Овој документ повикува на чување на единството помеѓу етничките и верските заедници, што е зацврстувано преку заедничката антифашистичка борба. Во знакот на тоа единство, Манифестот бил преведен и печатен и на албански јазик. И конечно, Манифестот го потврдува местото на македонскиот народ во големата антифашистичка коалиција. Ние денес имаме своја суверена и независна држава токму затоа што во Втората светска војна бевме на вистинската страна на историјата”, кажа Пендаровски.

    Манифестот од 1943 година по своето значење е еднаков со Крушевскиот манифест од 1903 и во него е претставена платформата на македонската државност, односно на Асномска Македонија.

    Градоначалникот Зоран Ногачески рече дека во Дебрца се испишани најсветлите страници од македонската историја.

    „И не само тука, во Црвена Вода, туку и на Славеј Планина, каде што беше формирана првата регуларна воена единица, баталјонот ‘Мирче Ацев‘, додека во Сливово беше формирана Првата македонско-косовска ударна бригада. Дебрца беше првата слободна територија во НОБ, а во селото Издеглавје, во 1944 година беше возобновена Охридската архиепископија, во лицето на Македонската православна црква”, кажа Ногачески.

    Дебрчани почнаа и со санација на Спомен домот, во кој се сместени Спомен собата на ГШ на НОВ и ПОМ и Спомен собата на писателот Ванчо Николески.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира