„Од вкупно 288 проекти, досега се склучени договори за над 200 проекти што треба да ги реализираат Општините со средства од унгарскиот кредит. Само два проекта треба технички да се коригираат во делот на јавните набавки. На 27 јануари, Владата ќе го утврди датумот за објава на вториот повик за аплицирање за преостанатите средства за вкупно предвидените и се очекува во месец февруари да биде распишан вториот повик за аплицирање со проекти. Се очекува голема градежна и економска експанзија во општините“, рече министерот за локална самоуправа Златко Перински на денешната втора јавна дебата за новиот Закон за локална самоуправа која се одржа во Штип.
Според Перински, три основни постулати се вградени во новиот Закон за локална самоуправа. Првиот е референдумската можност за отповикување на градоначалник ако се однесува несовесно, вториот е да се воведе и препознае комуналниот редар кој ќе може поефикасно да работи и третиот е поголема вклученост на граѓанскиот сектор кој може да носи квалитетни предлози и решенија.
Градоначалникот на Штип Иван Јорданов рече дека на Општина Штип ѝ се одобрени девет проекти во вкупна вредност 5,6 милиони евра, кои ќе бидат наменети за изградба на градинка и улици и други инфраструктури објекти, а за натамошното функциионирање смета дека градоначалниците не смеат да дозволат да нема општински развој, и не смеат да си дозволат да бараат милост од централната власт за развој на општините. Тој смета дека е мошне важно да се изнајде контролен механизам за работењето на Општините и нивните градоначалници, а се наметнува потребата за поголема финансиска децентрализација.
Т. ЈОВАНОВСКИ