Купишта ѓубре, пластика, стар мебел, градежен шут повторно се натрупани на дивата депонија на влезот на населбата „Перо Чичо“ во Куманово. Иако оваа депонија беше целосно расчистена пред само десетина месеци и беа поставени контејнери, жителите од околните куќи продолжија со старите навики да го фрлаат сметот под куќите, неводејќи грижа за животната средина ниту за последиците по здравјето.
Граѓаните кои ги сретнавме во близина на депонијата реагираат поради ваквата состојба, бидејќи за да стигнат до дома мора да поминат низ ѓубрето. Тие вината ја лоцираат кај граѓаните кои живеат тука, но и кај надлежните кои треба да спроведат строги контроли и ригорозни казни, за да го санкционираат однесувањето на поединци.
„Залудни се обидите на Општината да го исчисти овој простор, ако нема казни. Секој ден проаѓаме тука пешки, има секави бактерии кои ги носиме дома на обувките. Направија детско катче за да го заштитат просторот, мислејќи дека тоа ќе ги одваратат несовесните граѓани, но попусто. Единствен проблем е да се затвори тој дел со подигање ѕид, па да нема простор каде да се фрла. Едно време имаше најава дека железница ќе направи тунел, ама изгледа ништо и од тоа. Но, мислам дека треба и јавното претпријатие почесто да го собира сметот за да не се собира во толку голема количина“, вели еден кумановец.
Градоначалникот Максим Димитриевски на неодамнешната седница на општинскиот Совет за превенција кажа дека Општина Куманово во изминатите 4 години потрошила повеќе од 8 милиони денари за чистење на дивите депонии и речните корита во градот, но признава дека и дека покрај сите акции не можат да постигнат да ги исчистат сите депонии со смет и градежен шут кои ги создаваат граѓаните, но и сопственици на култиватори и камиони.
„Интензитетот на создавањето на диви депонии не стивнува, во моментот има повеќе од 80 диви депонии на повеќе локации во општината. Страшно е што на дивите депонии што континуирамо ги чистиме повторно се фрла ѓубре. Една од нив е на локацијата кај Туш, каде минатата година изнесовме 150 камиони со отпад, но сега не само што е повторно затрупана, туку демолирано е и детското катче. Исто е и со депониите на реките Кумановка, Липковка, Којнарка, кај воените магацини во Проевце, а сега имаме масовно создавање диви депонии во населите Долно и Горно Којнаре“, кажа Димитриевски.
Тој додаде дека голем број на незадоволни граѓани реагираат до Општината поради создавањето нови диви депонии, па затоа ги повика општинскиот и државен инспекторати, како и МВР заеднички да дејствуваат и да најдат решение за овој многу голем проблем во Куманово, бидејќи граѓаните не ги интересира кој е надлежен.
„Како што тргнал трендот, искрен да бидам, ние не можеме да исчистиме толку, колку што се создаваат диви депонии“, кажа Димитриевски.
На состанокот беше истакнато дека треба да се работи и на зајакнување на еколошката свест кај граѓаните за да се подобри комуналната хигиена во градот, а се постигна договор за формирање на тело за заштита на животната средина кое ќе изработи стратегија за борба против загадувањето.
С. НИКОЛИЌ