Вкупно 904 ученици во прво оддление се запишани во новата учебна 2025/26 година во 16 основни училишта во Куманово, што е за шеесетина помалку во однос на минатата година.
Раководителот на Секторот за образование во Општина Куманово, Александар Јовановиќ, вели дека бројката не е конечна, бидејќи секоја година првачиња се запишуваат и во септември откако ќе се вратат семејствата од сезонска работа во соседните земји. Главно, станува збор за деца од ромската зедница.
„Податоците покажуваат дека и Општина Куманово не е исклучок од трендот на намалување на првоодделенците кој се случува на ниво на државата, а најголема причина е интензивното иселување од земјата на семејства со деца на помала возраст. Намален број на ученици во основните училишта не се чувствува само во руралните средини, туку и во централните градски училишта. Има многу малку паралелки со максимален број на 30 ученици. Ако порано имаше миграција село град или меѓуопштинска, сега покрај падот на наталитетот најприсутна е миграцијата во европските развиени земји“, кажа Јовановиќ.
Според евиденцијата на Министерството за внатрешни работи (МВР), во 2019 година во Куманово се родени 1.534 деца кои оваа година требало да тргнат на училиште. Откако бил доставен списокот училиштата направиле проверки и останале 1.250 кои требало да се запишат на училиште. Од вкупниот број фалат 630 деца, а од ревидираниот список 346 деца.
„Оваа учебна година во Општина Куманово тргнаа на училиште 904 првачиња во сите основни училишта. Шеесетина ученици помалку во однос на минатата година. Мора да бидеме свесни дека бројката во континуитет опаѓа, доколку сакаме да ги задржиме семејствата, владата мора да се направи стратегија за да се спречи иселувањето кое е присутно во последните 30 години“, кажа градоначалникот Максим Димитриевски, на првиот училишен ден во ОУ „Карпош“ во селото Умин Дол.
Во ова училиште се запишаа 12 првачиња.
Во средните училишта на територија на Општина Куманово во учебната 2025/2026 година се запишани вкупно 1.130 ученици во прва година, идентично како и минатата година.
„Што се однесува до бројот на запишаните ученици анализите покажуваат дека учениците како и изминатата учебна година се одлучија да се запишат во едно од стручните училишта, по што и оваа година се намали бројот на учениците во гимназиското образование. Според податоците кои ги добивме од училиштата, вкупно 847 ученици се одлучиле своето образование да го продолжат во стручните училишта на териоторија на Општина Куманово, додека 283 во двете кумановски гимназии“, кажа Јовановиќ.
С. НИКОЛИЌ