ВО КУМАНОВСКО СЕ ПЛАНИРА ОТВОРАЊЕ РУДНИК 10 ПАТИ ПОГОЛЕМ ОД КАЗАНДОЛ, ГРАЃАНИТЕ ЌЕ БАРААТ РЕФЕРЕНДУМ

    ВО КУМАНОВСКО СЕ ПЛАНИРА ОТВОРАЊЕ РУДНИК 10 ПАТИ ПОГОЛЕМ ОД КАЗАНДОЛ, ГРАЃАНИТЕ ЌЕ БАРААТ РЕФЕРЕНДУМAнглиско-украинската компанија „Сардич МЦ“ од Скопје добила концесија за геолошки истражувања на бакар и злато на локалитетот „Петрошница“ во општина Старо Нагоричане.

    Кумановци се плашат дека наскоро ќе соочат со големи последици од загадување на животната средина со тешка индустрија ако во близина на градот се отвори рудник 10 пати поголем од Казандол во Валандово. Откако дознале дека англиско-украинската компанија „Сардич МЦ“ од Скопје добила концесија за геолошки истражувања на бакар и злато на локалитетот „Петрошница“ во општина Старо Нагоричане, најавуваат дека ќе ги искористат сите законски и правни маханизми да го сопрат отварањето на рудникот.

    „Сардич МЦ“ го гради рудникот Казандол близу Валандово, а има и уште две концесии за геолошки истражувања на локации во југоистокот.

    „Ги собираме сите потребни документи за да отидеме во општина Старо Нагоричене и пред градоначалникот и советниците да направиме презентација во која ќе покажеме кои се последиците од отворање на рудникот. Ќе побараме да се распише референдум, а ако не сакаат да распишат, ќе собираме потписи за да покренеме граѓанска иницијатива“, најавуваат активисти од неформалната граѓанска иницијатива „Куманово бара чист воздух“.

    Акционер и неизвршен директор на украинско-британската компанија „Сардич МЦ“ што е сопственик на рудникот е и Ацо Спасеноски, кој од 2006-2009 беше министер за земјоделие од редовите на Социјалистичката партија, а потоа и амбасадор во Украина (Фото: МИА)

    Од Министерството за економија потврдуваат дека Владата на Република Македонија има доделено концесија за детални геолошки истражувања на минерални суровини-молибден, бакар, злато и сребро на фирмата „Сардич МЦ“ бр.24-1628/1 од 04.03.2014 година, и дека испитувањата се уште траат.

    „Согласно законот за минерални суровини и Договорот за концесија, концесионерот ја има доставено потребна документација за вршење на деталните геолошки истражувања. Во тек се истражните работи. Истражувањата се уште не се завршени, заради тоа не може да се поднесе барање за концесија за експлотација. Во фазата на геолошки истражувања нема опасност од загадување на животната средина“, одговорија од Министерството на прашањата на САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Во август минатата година при поставување на камен темелникот на рударскиот комплекс Казандол во Гевгелија, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, рудникот Петрошница во Старо Нагоричане го најави како мега инвестиција вредна 300 милиони евра.

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски со премиерот Емил Димитриев и вицепремиерот Владимир Пешевски на одбележувањето на почетокот на изградба на рудникот Казандол во Валандово на 25 август 2016 година, кога најави изградбата на 10 пати поголем рудник во Старо Нагоричане. (архивска фотографија)

    „За две години од сега во Старо Нагоричани ќе почне со работа 10 пати поголем рудник, значи овде инвестицијата е 35 милиони евра таму ќе биде 300 милиони евра и освен бакар ќе има и злато. Најверојатно и бројот на вработени ќе биде многукратно поголем околу 1.000 или ќе видиме колку“, изјави тогаш Груевски.

    Акционер и неизвршен директор на „Сардич МЦ“ е и Ацо Спасеноски, кој од 2006-2009 беше министер за земјоделие од редовите на Социјалистичката партија, а потоа и амбасадор во Украина.

    Според непотврдени информации истражувањата покажале дека на локалитетот Петрошница има голем руден потенцијал од бакар, злато, сребро и молибден. Проценката на можни ресурси е 10 пати поголема од Казандол, а истражувањето трае 4 години и ќе заврши во 2018 година. Доколку идејата се реализира, тука ќе требало да никне цело гратче со 250 до 300 работници и дополнителни индиректни вработувања.

    Концесија Петрошница се наоѓа во североисточниот дел на Македонија. Центарот на концесија се наоѓа 50 км североисточно од Скопје, 23 км од Куманово, во атарот на селата Бајловце и Цвиланце и 10 км од границата со Србија.

    Р. ФОТИНОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира