Штипските комуналци и техничките служби на Клиничката болница во Штип вчера цело попладне и во текот на ноќта работеа на санацијата на кровната конструкција која од невремето беше откорната, а дел од пациентите од најгорните катови од Ортопедското одделение и Одделението за реанимација кои прокиснаа се преместени во други простории.
„Уште вчера, веднаш по невремето кога дел од најгорните катови прокисна, дваесетина пациенти од Ортопедија и од Одделението за интензивно лекување се преместени во побезбедни простории. Сепак, двете одделенија поради овие проблеми работат со намален капцитет. Денеска се утврдува штетата и преземени се мерки со продолжено работење на сите да се санира состојбата“, вели раководителката на Оддлението за реанимација, Билјана Ефтимова.
Од Клиничката болница додаваат дека нема никаков застој во пружањето на здравствени услуги и болницата работи нормално. Досега се остранети неколку тони лим и скршени греди од кровната конструкција која од силниот ветер целосно се окторнала, но останала на кровот без да падне долу каде е главниот влез во Ургентниот центар, па нема повредени. Се очекува денеска да се острани сиот оштетен кров и веднаш ќе се поставува нова кровна конструкција и нов посигурен покрив со поцврст материјал.
Главното јавно претпријатие „Исар“ во Штип во текот на ноќта и денеска ангажира стотина луѓе треба да ги оспособат сите сообраќајници во градот од наноси, од покриви од гаражи, а имало интервенции и кај филтер станицата каде исто така имало откорнати дрвја, но немало штети на водоснабдителни објекти кои се заштитени и се под контрола.
Вчера од почетокот на невремето почна деноноќно да работи и Кризниот штаб на Општина Штип, кој веќе ги даде инструкциите да се организира брза мобилизација на сиот расположив кадар и ставање во погон на целокупната механизација за расчистување. Мобилизирани се сите јавни претпријатија и Противпожарната единица кои веќе остраниле педесетина паднати дрва и имало интервенција и на поплавени подруми.
Општината Штип ги повика и граѓаните и тие да дадат свој придонес во санирањето на состојбите и да ги пријавуваат штетите што биле предизвикани од невремето за да може Општината да има увид во вкупните штети и да се изнајдат мерки за одредено обештетување.
Т. ЈОВАНОВСКИ



