ВО ОХРИД СЕ ГРАДИ ВИСОКОКАТНИЦА НАДВОР ОД ДОЗВОЛЕНИТЕ ДИМЕНЗИИ, ВЕЛАТ НЕВЛАДИНИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА

    ВО ОХРИД СЕ ГРАДИ ВИСОКОКАТНИЦА НАДВОР ОД ДОЗВОЛЕНИТЕ ДИМЕНЗИИ, ВЕЛАТ НЕВЛАДИНИТЕ ЗДРУЖЕНИЈАГраѓаните од улицата каде што се гради објектот велат дека може да се наруши статиката на околните куќи (Фото: СДК.МК)

    Без почитување на препораките на УНЕСКО, во Охрид почна изградба на станбен објект кој отстапува од предвидените димензии и габарит. Повеќе невладини организации на денешната прес-конференција ја обвинија локалната власт дека не ги почитува препораките и прави хаос во урбанизацијата на Охрид. Од Општината денеска немаа коментар, туку кажаа дека утре ќе се произнесат со официјален став за обвинувањата.

    „На место каде што пред 25 години постоеше мала куќа сега се гради висококатница. Сопственикот сака да гради голем објект на поголема површина од дозволените 50 проценти од градежното земјиште, предвидено според Планот за управување со Охридскиот Регион“, кажаа на пресот.

    Според граѓанските активисти, најголемиот проблем е претераната урбанизација, најчесто заради лични и биснис интереси, што со години го деградира градот.

    „Се градат високи објекти, се гради во Националниот парк Галичица, се уништува дури и културното наследство во стариот дел на градот и тоа мора еден ден да запре“, вели Никола Киселинов-Боздоганов од здружението „Билјана“.

    Тој рече дека одредени лица од Секторот за урбанизам ги злоупотребуваат своите позиции, со цел да дојдат до личен профит преку изградбата на тие станови.

    „Тоа го има детектирано и владиното тело во последниот Стратегиски план за рехабилитација, кој ќе го испрати до УНЕСКО како документ дека еве нешто е преземено, а во пракса, уште повеќе е влошена ситуацијата. Имаме уште повеќе изградени диви објекти и се продолжува со градење висококатници во централното градско подрачје и објекти во Националниот парк“, вели Киселинов-Боздоганов.

    Граѓаните од улицата каде што се гради објектот велат дека за да се задоволат приватните апетити, се нарушува статиката на околните куќи.

    „Мојата куќа е на само 70 сантиметри од таа зграда која се гради, а долу се вода и кал. Јас се консултирав со статичари, кои ми кажаа дека со сигурност ќе се наруши статиката на мојата куќа, а газдата кој гради не гарантира дека мојата куќа нема да се искриви или преврти“, вели Борче Гаврилоски.

    Планот за управување со културното и природното наследство во Охридскиот Регион е на сила од јануари 2020, а дозволата за изградба на објектот е дадена во ноември истата година. Граѓанските здруженија најавија дека во наредниот период ќе ги посочат сите примери каде што се отстапува од Планот.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира