На почетокот на новата учебна година, во училишните клупи во охридските основни школи седнуваат 433 првоодделенци, што е за 20 помалку од лани. Трендот на намалување трае со години.
Според статистиката, најголемата бројка на запишани првачиња во Охрид е забележана во учебната 2022/23, кога образовниот процес го започнаа 523 првачиња. Низ годините наназад податоците говорат дека во 2021/22 се запишале 504 првачиња, во 2020/21 480, додека во 2019/20 биле запишани 483 првачиња.
Причините за намалувањето се иселувањето и намалениот наталитет. Од Општина Охрид велат дека се трудат преку нови проекти и инвестиции да го намалат овој тренд.
Денеска беше првиот училиштен ден и во новата зграда на ООУ „Кочо Рацин“, сместена во еден од објектите на поранешната касарна.
„Беа извршени целосна реконструкција, адаптација и опремување на просторот, со што се обезбедени современи услови за изведување на наставата“, велат од Општина Охрид.
Вкупната инвестиција на овој капитален проект изнесува околу 90 милиони денари. Градоначалникот Кирил Пецаков рече дека локалната самоуправа покажа дека стои цврсто зад образованието како приоритет.
„Во време кога светот се менува со невидена брзина, токму вложувањето во овој сегмент е најдоброто наследство што можеме да им го оставиме на нашите деца“, кажа Пецаков.
Некогаш паралелките во Охрид беа со 33 или повеќе ученици, а градските советници скоро секоја година ги гласаат одлуките за формирање паралелки со помал број ученици од дозволениот минимум. На седница во втората половина на јули беше дадена согласност за формирање паралелки со помалку од 20 ученици во основните училишта во Општина Охрид, како и за формирање паралелки со помалку од 25 ученици во ОСУ „Св. Климент Охридски“ во Охрид.
С. ВРЕНЦОВСКА