Во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во скопската Општина Аеродром од септември ќе биде отворен Центар за поддршка на ученици со попреченост. В. д. градоначалникот на Општина Аеродром Дејан Митески и директорката на ОУРЦ „Д-р Златан Сремец“ Марија Делетиќ денеска потпишаа договор за воспоставување на Центарот и обезбедување стручни кадри за работа со учениците.
Центарот ќе почне со работа на почетокот на новата учебна година, а ќе може да го посетуваат ученици од сите училишта во општината според утврден распоред.
„Отворањето на овој Центар претставува голем чекор за унапредување на инклузивното образование и можност за еднаков пристап до соодветна поддршка за учениците со попреченост. Со оваа иницијатива, Општина Аеродром ја докажува својата посветеност за обезбедување оптимални услови за современ и инклузивен пристап во образованието и останува отворена за соработка со сите институции“, велат од Општина Аеродром.