ВО ОСНОВЕН СУД КАВАДАРЦИ СЕ ОДРЖА ПРВОТО ОНЛАЈН СУДЕЊЕ ВО ЗЕМЈАВА

    ВО ОСНОВЕН СУД КАВАДАРЦИ СЕ ОДРЖА ПРВОТО ОНЛАЈН СУДЕЊЕ ВО ЗЕМЈАВАСе судеше за кривично дело разбојништво, а во судницата беа судијата Лазар Нанев, двајца поротници, додека на видеоврска беа во ОЈО Кавадарци обвинителката Елизабета Мишева-Јорданова, обвинетиот П. Ц. во истражен затвор во Шутка, неговиот бранител Ивица Ефремов во Велес, како и претставник на оштетеното казино кој беше во Неготино. (Фото: СДК.МК)

    Во Основен суд Кавадарци се одржа онлајн судење по кривично дело, за кое од судот велат дека е прво во земјава но и во регионот. Се судеше за кривично дело разбојништво, а во судницата беа судијата Лазар Нанев, двајца поротници, додека на видеоврска беа во ОЈО Кавадарци обвинителката Елизабета Мишева-Јорданова, обвинетиот П. Ц. во истражен затвор во Шутка, неговиот бранител Ивица Ефремов во Велес, како и претставник на оштетеното казино кој беше во Неготино.

    Според претседателот на кавадаречкиот суд Лазар Нанев кој го судеше овој предмет, ваквиот начин на работа е во корист на обвинетите, кои во состојбата со КОВИД-19 можат да добијат брзо и правично судење, согласно конвекцијата за човекови права.

    „За Основен суд Кавадарци но и правосудниот систем на земјава ова е историски ден. Согласно упатствата од СЗО и Советот на Европа, поради опасноста по притворениците од ширење на КОВИД-19, од негово ширење по притвореничките одделенија, без физичко присуство на учесниците во процесот, а со користење на информатичката технологија, оваа главна расправа се изврши со електронски технички средства и обезбедена двонасочна комуникација“, кажа Нанев.

    Тој изрази благодарност до сите учесници во процесот, но и поддршката од „Мајкрософт“, без која судењето онлајн не би можело да се изведе. Минатата седмица во овој суд се изведе онлајн судење на малолетник, но тоа беше затворено за јавноста.

    Обвинетиот во овој предмет, П. Ц. (24) од Неготино го призна кривичното дело „разбојништво“ и му беше изречена затворска казна во траење од пет години. Тој го сторил делото на 26-ти декември минатата година околу 8 часот, кога со маска на главата влегол од споредниот заден влез во казино во Неготино. Притоа со нож се заканил на вработениот, барајќи да му бидат дадени парите од касата. Оштетениот се исплашил и покажал каде се наоѓале парите, при што обвинетиот ја отворил касата и ги зел парите во износ од 324.700 денари.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира