Во последната студија за валоризација на просторот на Студенчишко Блато заради негово прогласување за заштитено подрачје не е предвидена изградба на марина за пловни објекти. Досега имаше неколку идејни решенија за решавање на проблемот со пловните објекти, но ниту едно не помина кај охридските советници.
„Во новата студија за Студенчишко Блато предвидени се зони за рекреација, но има и строго заштитени подрачја. Марината воопшто не е вметната во оваа студија“, ни изјавија од локалната самоуправа.
- НОВИОТ ПРОЕКТ ЗА МАРИНА ВО СТУДЕНЧИШКО БЛАТО Е ЗА ЛИЧНИ ИНТЕРЕСИ НА ОНИЕ СО ЈАХТИ, ВЕЛАТ ОД ОХРИД СОС
- СКОПСКА ФИРМА ИЗРАБОТИ ПРОЕКТ ЗА СТУДЕНЧИШКО БЛАТО, ОХРИД ДАВА САМО ПОДДРШКА
Еколошки здруженија од Охрид, но и од земјава се спротивставија на сите досегашни обиди во Студенчишко Блато или во негова близина да се гради марина.
Студијата ја изготви друштвото за еколошки консалтинг „Деконс Ема“ од Скопје. Во нејзина подготовка беа ангажирани експерти од Институтот за билогија од Природно-математичкиот факултет во Скопје, Хидробиолошкиот институт од Охрид и други институции.
Засега како привремено решение за вкотвување на бројните приватни пловни објекти се користи каналот кај Билјанини Извори.
Д. ЧУБРИЌ