Со чистење дива депонија кај селото Царев Двор, денеска почна кампањата „Преспа, разбуди се за чиста средина“. Кампањата ја спроведува Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со „Еко герила Преспа“, Македонското еколошко друштво од Ресен, а со финансиска поддршка на Европската унија.
Токму дивите депонии и неконтролираното фрлање на кабаст отпад и пестицидите од земјоделците се еден од главните проблеми во Преспанскиот Регион. Градоначалникот на Ресен Јован Тозиевски вели дека досега како Општина се соочувале со недостаток на опрема за собирање на ѓубре, но сега се набавени неколку возила и ќе може да се собира ѓубрето насекаде.
„Би ги повикал граѓаните да не го фрлаат вака ѓубрето, туку да го донесат во депонијата каде одлагањето е бесплатно. Ние како Општина имаме три комунални инспектори кои пишуваат казни, но сепак ѓубре пак има. Сакаме да воспоставиме и систем на снимање, ќе дадеме сѐ од себе да ја промениме ваквата слика”, вели градоначалникот Тозиевски.

Преку кампањата ќе се спроведат низа активности како дискусии со локалното население, бизнис секторот, кампања во училиштата и теренски активности за чистење. (Фото: СДК.МК)
Низ Преспа има над 30 вакви диви депонии, а во рамките на овој проект ќе се исчистат 8.
Жителите на Ресен ќе добијат и канти за селекција на отпад, односно една канта за пластика и хартија и една канта за отпад од домаќинствата.
Како што кажаа од Институтот за комуникациски студии, преку кампањата ќе се спроведат низа активности како дискусии со локалното население, бизнис секторот, кампања во училиштата и теренски активности за чистење.
А. АНТЕВСКА