Во Преспа денеска првпат се одржува пливачки маратон, кој е дел од Македонскиот куп во далечинско пливање во организација на Пливачката федерација на Македонија. 28 пливачи од клубови од цела Македонија се пријавија за 4-те трки на „Преспа куп 2016“, од кои две на 2,5 километри (професионалци и аматери) и по една на 5 и 10 километри.
Пливачкиот маратон во водите на Преспанското езеро се одржува кај плажата „Конект бич“ во Сливница. Ова е втор натпревар од Македонскиот куп во далечинско пливање по Илинденскиот пливачки маратон во Охрид, а следуваат маратоните во Велешкото езеро (27 август) и во Дојранското езеро (4 септември).
Преспа годинава доживува туристичка ренесанса и рекордна посетеност на плажите. Покрај Сливница, има уште пет модерно опремени песочни плажи во Претор, Крани, Долно Дупени, Отешево и Стење. Интересот за престој во Преспа расте и преку викенд има над 5.000 гости, од кои голем дел иселеници дојдени во родниот крај.