Откако градоначалникот на Општина Радовиш Герасим Конзулов директно и јавно ги прозва одговорните институции да си ја вршат работата, деновиве зачестија контролите и информациите за фатени дрвокрадци и откриени бесправно сечени дрва по приватни имоти.
Шумската, заедно со цивилната полиција, среде бел ден фатија радовишанец кој со запрежна кола симнуваше од Плачковица околу две кубни метри огревно буково дрво, најверојатно за препродажба. Дрвата се одземени и предадени во подружницата на Национални шуми во Радовиш, а против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава.
Градоначалникот на Радовиш бара контроли да има и по семејните дворови на радовишани каде има складирано дрва за да се утврди нивното потекло, дали се бесправно сечени или легално набавени. Според него, на тој начин ќе се испрати сигнал и до купувачите дека не смеат да набават дивосечени дрва.
„Имавме состанок со сите институции кои се директно одговорни за овој проблем и се сложивме да се засилат контролите како во шумските појаси така и на патиштата. Паралелно ќе има контроли и по дворовите на радовишани каде има складирани дрва за да се утврди нивното потекло. Ако се купуваат нелегални дрва ќе има и бесправна сеча. Така секој мора да одговара. Само на тој начин ќе го стопираме дрвокрадството во Радовиш“, ни изјави градоначалникот Конзулов, кој смета дека местата каде што се сече најмногу се наоѓаат изворите за водоснабдување на Радовиш.
Радовишката полиција веќе откри бесправно сечени дрва на приватен имот. Во контрола со вработени од шумските институции на имот 62-годишен радовишанец откри поголемо количество огревни дрва кои биле бесправно исечени. Дрвата му се одземени, а против него ќе биде поднесена кривична пријава.
В. ТРАЈКОВ