Седум инфраструктурни проекти од мал обем кои од почеток до крај беа замислени и реализирани од младите, кои успеаја да минат низ општинските совети, да добијат дозволи за градби и за кофинансирање, се направени во седум рурални пелагониски општини во рамки на проектот „Зајакнување на луѓето во Пелагонија“ на „Про локал“ финансиски поддржан од Амбасадата на Холандија. Се изгради кино на отворено во Крушево, младински хаб во Ресен, две теретани-зони на енергија во Новаци и Могила, се уредија два градски парка во Демир Хисар и Кривогашатани и се реновираше спортското игралиште во Долнени.
„Трениравме група млади луѓе за лидерски вештини, демократија, човекови права, но исто така како да ги презентираат нивните идеи и да работата заедно со општините. Градоначалниците ги слушаа младите луѓе, какви идеи имаат за нивните општини и на тие идеи беше основана соработка за да се спроведат во средината каде живеат“, рече Роберт Декер, заменик-амбасадор во Амбасадата на Кралството Холандија.
Проектот траеше 12 месеци, продолжува уште две години, а ќе се приклучат и Битола и Прилеп при што ќе бидат реалзиирани уште девет нови проекти иницирани и реализирани од младите.
„За 12 месеци имавме повеќе од 15 едукативни настани, работилници и предавања, активности кои беа креирани на начин да го зборуваат јазикот на младите. Успеавме да ги задржиме од почеток до крај 50 млади луѓе од седум рурални општини во Пелагонискиот Регион кои безмалку поминаа една академија за лидери зашто комбинацијата од активности им овозможи да се стекнат со различни вештини“, рече Емилиа Ѓероска, претседателка на „Про локал“.
Од една страна младите го научија формалниот административен процес, како да се обратат до градоначалниците и Советите за да реализираат конкретен проект. Од друга страна, ги зајакнаа капацитетите лидерство, настап во јавност, знаење за процедурите на донаторите, апликаци кои им се потребни како административна култура да можат да се вклучат во јавниот живот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА