ВО РУРАЛНИТЕ СРЕДИНИ СЕ ОТВОРААТ СЀ ПОВЕЌЕ ГРАДИНКИ И СЕ МЕНУВААТ НАВИКИТЕ БАБИТЕ ДА ГИ ЧУВААТ ДЕЦАТА

    ВО РУРАЛНИТЕ СРЕДИНИ СЕ ОТВОРААТ СЀ ПОВЕЌЕ ГРАДИНКИ И СЕ МЕНУВААТ НАВИКИТЕ БАБИТЕ ДА ГИ ЧУВААТ ДЕЦАТАНовата градинка во Новаци има капацитет за 50 деца (Фото: СДК.МК)

    Прва нова државна градинка оваа година се отвори во Општина Новаци, рурална средина во срцето на Пелагонија, која по површина е една од најголемите во земјава, но меѓу најретко населените. Ова е земјоделски и сточарски крај каде што се менуваат навиките бабите и дедовците да ги чуваат децата додека родителите работат. Уште пред 16 години, во Новаци имаше Центар за ран детски развој, а новоотворената градинка за многу кратко време го исполни капцитетот, а има интерес и за упис на нови деца.

    „Навиката да ги носат децата во градинка е стекната пред 16 години. На почеток имавме проблеми, зашто 90 проценти од семејствата се во заедница, живеат со баби и дедовци. Прво сметаа дека нема потреба од тоа, но со тек на време сфатија дека носењето на децата во градинка не значи нивна замена, туку одмена. Центарот за ран детски развој не работеше од март поради пандемијата. Секој ден се јавуваа родители да прашаат кога градинката ќе почне да работи. Капацитетот е 50 дечиња, а списокот за многу брзо време се пополни со 30 деца, колку што е максимумот што можеме да примиме со ковид протоколите“, рече в. д. директорката на градинката „Бамби“, Николина Лозановска.

    Градоначалникот на Општина Новаци, Љубе Кузманоски, рече дека градинката зафаќа 230 квадратни метри. Вложени се 9,5 милиони денари, од кои седум милиони од општинскиот буџет и Министерството за труд и социјална политика, а 2,5 милиони од проектот „Одржливо менаџирање на агроотпадот за загревање на рурални средини“, со што е обезбеден ефикасен и еколошки систем на греење.

    Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска рече дека се обидуваат на децата од рурални средини да им овозможат услови за квалитетен предучилиштен развој, како и во градските средини. За првпат е отворена градинка во Лозово, започнат е проект за изградба на градинка во Могила, Сарај, селска средина во Гостивар и на други места.

    „Од септември минатата година успеавме да отвориме седум градинки, со што опфатот е зголемен за 665 деца. Во тек е изградбата на уште 15 градинки, со што опфатот на дечиња ќе се зголеми за дополнителни 1.900. Се стремиме кон европскиот просек, каде што опфатот на деца со градинки е до 90 проценти. Ние до 2024 година планираме 60 проценти од децата од предучилишна возраст да бидат сместени во градинки“, рече Шахпаска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира