ВО ШИПКОВИЦА СЕ РЕГУЛИРААТ ПОРОИТЕ ЗАРАДИ ЗАШТИТА ОД ПОПЛАВИ

    ВО ШИПКОВИЦА СЕ РЕГУЛИРААТ ПОРОИТЕ ЗАРАДИ ЗАШТИТА ОД ПОПЛАВИПроектот е финансиран од швајцарската влада и од буџетски средства, а е имплементиран од УНДП. (Фото: СДК.МК)

    Во тетовска Шипковица во тек се градежни активности со кои се регулира поројот кој во големата поплава од 2015 му нанесе големи штети на селото, при што во надојдените води загинаа 4 лица. Проектот се реализира во рамки на Програмата за подобрување на отпорноста на поплави во Полошкиот Регион.

    Целта на оваа Програма е да поттикне трансформациска промена во управувањето со ризиците од поплави во регионот, создавајќи промена од чисто реактивни одговори на поплави кон интегрирани системи за управување со опасностите, ублажување на загубите, како и да се работи кон спречување од идни поплави.

    Како се одвиваат работите околу регулацијата на речните корита денеска увид направија министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, амбасадорката на Швајцарија Вероник Улман, постојаниот претставник на УНДП Армен Григорјан и градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.

    „Оваа е исклучително важен проект, пред се` во интерес и заштита на населението и обезбедување на одржлив и инклузивен раст со подобрување на отпорноста на заедниците од Полошкиот Регион на катастрофи од поплави. Со преземните мерки, произлезени од сеопфатни студии и планови за проценка на ризикот од поплави делуваме превентивно за намалување на опасноста од порои, поплави, свлечишта на кои овој терен е подложен, ја зголемуваме отпорноста и подготвеноста на локалните заедници за справување со елементарните непогоди и природни катастрофи, како онаа од 2015 година која однесе и човечки жртви“, изјави министерот Нуредини.

    Регулацијата на поројот е во должина од 3,6 километри, со акцент на делот од поројот кој минува низ селото во должина од 350 метри, а се спроведува од април до ноември годинава. Проектот е финансиран од швајцарската влада и од буџетски средства, а е имплементиран од УНДП.

    „Швајцарската влада преку Програмата за подобрување на отпорноста на поплави во Полошкиот Регион, поддржува сеопфатен сет на дополнителни мерки за ублажување и мерки за градење на отпорност. Оваа програма има за цел да ги замени стандардните ад-хок одговори на настаните од поплави и традиционалните пристапи за контрола на поплавите со интегрирано управување со поплави базирани на ризици“, изјави амбасадорката Улман.

    Главната порака од овој настан беше дека иако природните катастрофи влијаат на сите и не можат да се запрат, со паметен развој заснован на управување со ризици, нивните ефекти можат да се ублажат, а ранливоста на заедниците да се намали.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира