Бројот на позитивните со ковид-19 во Штип секојдневно се зголемува. Ако пролетта имаше вкупно 20 активни случаи, сега секојдневно се регистрираат по толку новозаразени лица, а вкупниот број на активни е над 230.
„Дневно земаме и по 40 брисеви закажани со Мој термин. Позитивните не знаат од каде се заразиле. Ковид-19 повторно има кај вработени во три штипски конфекции, а позитивен случај имало во градинката ‘Виножито’ и кај еден ученик во ОУ ‘Тошо Арсов’ кој претходно бил изолиран поради ковид-19 кај член од семејството. Позитивни случаи има и во неколку други институции во градот. Преземени се мерки за самоизолација“, вели раководителката на Центарот за јавно здравје Марија Димитрова.
Овој месец заразени со ковид-19 се и вработени во зградата на Општината каде е сместена јавната администрација на локалната самоуправа и на подрачните единици речиси на сите министерства. Поради тоа, вработените во подрачните единици и локалната самоуправа оваа недела одат на работа преку еден ден, за да се намали концентрацијата на вработените.
Вработен во Општинскиот центар за социјални услуги почина пред еден месец од ковид-19, па останатите тројца вработени беа во самоизолација. Со наизменично работно време преку еден ден се и вработените во Заводот за статистика, Одделенијата за урбанизам, а вработените во Централниот регистар кои имаат канцеларии во општинската зграда од превентивни причини одат на работа наизменично по една недела.
Т. ЈОВАНОВСКИ