ВО ШТИП НАРУШЕНО СНАБДУВАЊЕТО СО ВОДА ЗА ПИЕЊЕ ПОРАДИ ОБИЛНИТЕ ВРНЕЖИ

    ВО ШТИП НАРУШЕНО СНАБДУВАЊЕТО СО ВОДА ЗА ПИЕЊЕ ПОРАДИ ОБИЛНИТЕ ВРНЕЖИОбилните врнежи на дожд екстремно ја заматија водата која транизитира кон филтер-станицата за преработка на водата. (Фото: СДК.МК)

    Тридневните обилни врнежи на дожд во Штип и околните места предизвикаа заматување на водата која транзитира кон фабриката за преработка на водата, соопшти ЈП „Исар“ кое стопанисува и преку филтер-станицата ја преработува водата која оди до крајните корисници.

    „Се соочуваме со проблеми предизвикани од обилните врнежи на дожд кои екстремно ја заматија водата која транизитира кон фабриката за преработка на водата. Заматената вода може да направи непотребни таложења на песочен нанос и земја во филтерските испони и нивно запушување. Поради тоа се очекува нарушено водоснабдување на поголем дел од градот“, соопштија од „Исар“ и додаваат дека проблемот е настанат од непредвидените атмосферски влијанија, а се преземаат сите мерки да се заштити опремата во филтер-станицата и нарушувањето на водоснабдувањето да се сведе на минимум.

    Од филтер-станицата во Штип велат дека водата која досега е прреработена е исправна. Резервоарот со чиста вода за пиење е со капацитет од 1.740 метри кубни.

    Проблемот е со новата вода што сега доаѓа од (ХС)„Злетовица“ која поради обилните врнежи е заматена. Опремата на филтер-станицата во Штип е автоматизирана и во такви случаи сама ги сопира турбините и го прекинува прифаќањето на таква вода во првите апаратури на филтер-станицата и мора да се води грижа скапата опрема да не биде во дефект.

    Штипската филтер-станица е во постојан контакт со „Злетовица“ кој исто така прави напори да ги санира проблемите по обилните врнежи од дожд и да се елеминираат непотребните тешки состојки за да можат корисниците на оваа вода во регионот од Штип, Пробиштип, Свети Николе и Карбинци да добиваат почиста вода која ќе може да се преработува во нивните филтер-станици.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира