Веќе втора година во Штип се положува цвеќe на спомен-бисти кои се целосно oсквернавени. Последното одбележување со положување цвеќе беше пред спомен-бистите на првоборците Васил Доганџиски, која е обезглавена, и пред спомен-бистата на Јаким Стојков, чиј лик е целосно ишаран со разни бои. Спомен-бистите се наоѓаат во центарот на Штип меѓу зградите на гимназијата „Славчо Стојменски“ и основното школо „Ванчо Прќе“.
Тоа што и двете бисти се прилично оштетени не им пречи на Сојузот на борците и на општинските власти да положуваат цвеќиња по повод денот на нивното загинување во 1942 година за време на НОБ .
„Според склучената спогодба со Општината Штип, Сојузот на борците од Штип е задолжен само да ги одбележува значајните датуми на личности кои имаат спомен-бисти и спомен-обележја во градот, а нивното одржување е во надлежност на Општината“, вели претседателот на Сојузот на борците во Штип и штипско Петар Мицевски, кој на општинските власти им доставил комплетна листа од над 50 споменици, спомен-бисти и спомен-обележја во Општината.
Општинските власти најавуваат дека ќе се преземат мерки и активности оштетените спомен-обележја да се санираат и обноват како што треба и дека се изготвува комплетна програма со утврдување на фактичката состојба на спомениците и спомен-бистите. Речиси и да нема споменик или спомен-обележје, а да не се помалку или повеќе оштетени. Малку се оштетени од временското влијание, а поголемиот дел се намерно сквернавени.
Повеќе од 90 проценти од спомениците, спомен-бистите и спомен-релјефите се од времето на НОБ, а дел од претходното револуционерно минато, претежно изработени во 1960-те и 1970те години од врвните штипски скулптори Александар Смилков и Мијалче Парнаџиев, кои произлегуваат од прочуената Академија по вајарство во Белград. Вајарот Парнаџиев, познат како Епископ Велички Гаврил, почина во 1990 во Лесновскиот манастир, а пред неполни три години беше прогласен за светец. Александар Смилков беше професор во Педагошката академија во Штип, а почина во 1992. Неговиот син, проф. д-р Никола Смилков, исто така денес познат вајар во Македонија, смета дека спомен-бистите и останатите спомен-обележја во Штип се во очајна состојба и неопходна е комплетна санација.
„Преставници на Општината веќе ме прашаа што треба да се направи. Никој не би требало да помисли дека проблемот со ова вредно историско и културно наследство може да се реши со малку песок, цемент и со некој ѕидар. Мора во оваа санација да се вклучи адекватна и специјализирана институција, односно Заводот за ревитализација и реставрација на спомениците на Македонија, која стручно ќе направи комплетно снимање на состојбата и врз основа на таа анализа нејзини стручни лица да ги извршат специфичните санации“, вели Смилков.
Т. ЈОВАНОВСКИ