Во Штипскиот суд денеска започна судењето на турскиот државјанин Кадир Кара (21), обвинет за убиство на турски државјанин и за неовластено изработување и држење на оружје и експлозивни материи. Им се суди и на неговите четворица помагачи, меѓу кои и девојка со чие возило избегале по убиството.
Според обвинението, настанот се случил на 8 мај околу 21 часот во угостителски објект во Штип, каде што било пукано со пиштол кон Е. О. (25) од Турција, по што сторителот побегнал со возило. Повредениот бил однесен во Клиничката болница во Штип, каде што починал.
По преземените мерки и активности од страна на полицијата, при што бил употребен и дрон, во близина на наплатната рампа Миладиновци било запрено патничко возило „БМВ“ со штипски регистарски ознаки. Притоа едно лице од автомоблот се дало во бегство, но брзо било фатено и заедно со останатите лишени од слобода.
Основен јавен обвинител истата ноќ извршил увид во кафулето, каде што биле идентификувани напаѓачот и жртвата. Таму биле најдени чаури и други траги, кои биле дадени на вештачење. Биле обезбедени и снимки од видеонадзорот.
Портпаролот на Основниот суд во Штип, Сашко Георгиев, не очекува судењето да заврши брзо, затоа што обвинетиот уште пред процесот најавил дека не го признава делото.
Т. ЈОВАНОВСКИ



