ВО СКОПСКАТА ЗООЛОШКА СТИГНААТ УШТЕ ШЕСТ ПИНГВИНИ ОД РУСИЈА

    ВО СКОПСКАТА ЗООЛОШКА СТИГНААТ УШТЕ ШЕСТ ПИНГВИНИ ОД РУСИЈАНовите жители на Зоолошка во моментов се во карантин и се адаптираат во внатрешниот базен на живеалиштето. (Фото: СДК.МК)

    Уште шест пингвини од Русија стигнаа во скопската Зоолошка градина. Новите жители на Зоолошка во моментов се во карантин и се адаптираат во внатрешниот базен на живеалиштето, а наскоро, како што велат зоо негувателите, ќе биде отворен и надворешниот базен.

    „Имаме три мажјаци и три женки, кои им се приклучија на Скипер, Прајвет и Ковалски кои стигнаа лани во декември од Италија. Во време на пандемија, кога транспортот е сложен, а летовите редуцирани, со големи напори успеавме да ги донесеме овие шест нови жители на Скопје Зоо“, велат од Зоолошката градина.

    Станува збор за јужноамерикански хамболт пингвини, кои можат да живеат и на повисоки температури. Поради специфичните услови кои ги бараат, зоо негувателите мора да внимаваат постојано на надворешната температура, врнежи на дожд и снег, колку ќе се качи или спушти температурата навечер.  Ако падне под 5 степени мора да се затворат во внатрешното живеалиште, ако се качи над 25 пак мора да бидат во ладна соба. Летниот период е попроблематичен поради можна појава на маларија. Многу често комарци носат болести на кои пингвините можат да бидат осетливи, па поради тоа во живеалиштето е насадена лаванда, се ќе се постават вентилатори и специјални УВ ламби кои ќе ги бркаат комарците.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира