ВО СТАРИОТ ДЕЛ НА ОХРИД ЌЕ СЕ ВОЗИ СО ЕЛЕКТРИЧНИ ВОЗИЛА, СО СРЕДСТВА ОД ЕУ НАБАВЕНИ И 60 СМАРТ ВЕЛОСИПЕДИ

    ВО СТАРИОТ ДЕЛ НА ОХРИД ЌЕ СЕ ВОЗИ СО ЕЛЕКТРИЧНИ ВОЗИЛА, СО СРЕДСТВА ОД ЕУ НАБАВЕНИ И 60 СМАРТ ВЕЛОСИПЕДИОпштина Охрид ја продолжува својата стратегија за развој на зелена мобилност. (Фото: СДК.МК)

    Општина Охрид набави нови електрични возила за превоз на жителите и гостите во стариот дел на градот, со цел намалување на сообраќајниот метеж и обезбедување на помирна и почиста животна средина, особено во летните месеци. Средствата се обезбедени преку проектот „Општина Охрид станува зелена, паметна и иновативна (OHRID GO)“, финансиран од ЕУ преку програмата „ЕУ за општините“.

    „Реализирана е набавката на седум електрични возила за потребите на стариот дел од градот, со што се овозможува еколошко движење во чувствителното старо градско јадро. Набавени се едно возило со осум седишта, четири возила со четири седишта и две возила со две седишта, со вкупна вредност од 26.981.629 денари“, велат од Општина Охрид.

    Набавени се и 60 смарт велосипеди, кои ќе бидат поставени на 10 локации, со што населението и посетителите на иновативен начин, преку посебна апликација, ќе можат да ги користат во градот и околината. Вкупната вредност на набавката изнесува 5.031.670 денари, а опремата е доделена на ЈП „Билјанини Извори“.

    „Со овие инвестиции Општина Охрид ја продолжува својата стратегија за развој на зелена мобилност, намалување на сообраќајниот метеж и заштита на животната средина, согласно најдобрите европски практики. Со воведувањето на овие возила започнуваме со решавање на проблемот со густиот сообраќај, ги намалуваме јаглеродниот отпечаток и загадувањето и промовираме алтернативни начини на урбана мобилност за сите“, вели градоначалникот Кирил Пецаков.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира