ВО СТРУМИЧКО ФАТЕНИ ТРОЈЦА ДРВОКРАДЦИ СО 25 КУБИКА ДРВА НА 15 ЗАПРЕЖНИ КОЛИ

    ВО СТРУМИЧКО ФАТЕНИ ТРОЈЦА ДРВОКРАДЦИ СО 25 КУБИКА ДРВА НА 15 ЗАПРЕЖНИ КОЛИ

    Полицијата од Радовиш приведе тројца дрвокрадци од струмичкото населено место Баница кои на местото викано Варница кај Варварица биле затекнати со 25 кубни метри огревно дрво натоварени на 15 запрежни коли. Тие неколку дена вршеле бесправна сеча на планината Еленица и Скоруш, а вчера попладне се обиделе со запрежните коли да се симнат и упатат по блиските населени места за продажба. Како што соопшти портпаролката на СВР Струмица Александра Трајанова, лицата се приведени и против нив ќе бидат поднесени кривични пријави

    „Лицата биле затекнати како со 15 запрежни возила превезуваат вкупно 25 метри кубни бесправно исечени дабови огревни дрва, а кај нив биле пронајдени и одземени и неколку моторни пили. Дрвата и запрежните возила се пренесени во склад на Јавното претпријатие Национални шуми во Струмица, а трите лица се приведени и задржани во Полициска станица Струмица, против кои ќе биде поднесени пријави за сторено кривично дело ‘пустошење на шума’“, соопшти Трајанова.

    Од Шумското стопанство Беласица соопштија дека последниве денови е забележано поголемо присуство на дрвокрадци, кои со запрежни возила оперираат по околните планини. Биле организирани групи кои работат од сеча до пренесување на огревните дрва до одредена дистанца. Најмногу ги има регистрирано на планините Плачковица, Еленица и Огражден, претежно од лица од социјално ранливите категории кои дрвата ги користат што за сопствени потреби што за продажба на црниот пазар по цена од 4.500 денари за метар кубен.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира