ВО СТРУМИЦА НЕМА РЕГИСТЕРСКИ ТАБЛИЦИ, МВР ВЕЛИ ЌЕ ИМА ОД СЛЕДНАТА НЕДЕЛА

    ВО СТРУМИЦА НЕМА РЕГИСТЕРСКИ ТАБЛИЦИ, МВР ВЕЛИ ЌЕ ИМА ОД СЛЕДНАТА НЕДЕЛАМВР вели дека застој во испораката на регистерски таблици ќе има сè додека не почне проработи новиот економски оператор. (Фото: СДК.МК)

    Скоро две недели не може да се добијат нови регистарски таблици за сите видови моторни возила во станиците за технички преглед во Струмица. Сите кои набавиле нови возила или пак ги изгубиле или оштетиле постоечките таблици не можат да добијат нови, бидејќи преку преставништавата на СВР Струмица во станиците нема на залиха.

    „Двапати одам и немаат конкретен одговор кога може да добијам регистарски таблици. Набавив ново возило, но за жал не можам да го возам со оглед дека пробните ми истекоа. Се обратив и до полицијата, но ме известија дека имало проблем со достава на нови регистрации. Не сум единствен. Најмалку 60-тина струмичани чекаат таблици за своите возила“, реагираше еден струмичанец.

    Проблемот со немање регистарски таблички не е само во Струмица. Доброупатените тврдат дека проблем е насекаде во земјава по Секторите за внатрешни работи. Во одредени региони се трошат последните парчиња таблици, а во други се запишуваат и чекаат ред по станиците за технички преглед, каде се врши регистрација и се издаваат нови таблици.

    Дека има застој во испораката на регистарски таблици во Струмица потврдија и од МВР и соопштија дека изминативе денови за овој регион биле пуштени минимален број, сè додека не почне да врши испорака новиот економски оператор избран за таа намена.

    „Потпишана е рамковна спогодба која се однесува на регистарски таблици. Избран е нов економски оператор и е можен мал застој поради технички причини во издавањето, но набрзо ќе биде решено“, велат од МВР.

    Од таму велат дека идната недела ќе бидат испорачани регистарски таблици насекаде во државата каде недостасуваат, но не конкретизираа која фирма е новиот економски оператор за изработка и испорака на регистарски таблици со која МВР потпишала Рамковна спогодба.

    Регистарски таблички МВР досега набавуваше од фирмата „Раде Кончар“ од Скопје. Во декември 2019, беше потпишан договор за една година во висина од 575 илјади евра за испорака на 80 илјади пара регистарски таблици.

    В. ТРАЈКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира