ВО СТРУМИЦА ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ МОДУЛАРНА БОЛНИЦА, ЌЕ МОЖЕ ДА ПРИМИ 33 ПАЦИЕНТИ СО КОВИД-19

    ВО СТРУМИЦА ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ МОДУЛАРНА БОЛНИЦА, ЌЕ МОЖЕ ДА ПРИМИ 33 ПАЦИЕНТИ СО КОВИД-19Болницата ќе се наоѓа зад административната зграда на струмичкиот медицински центар (Фото: СДК.МК)

    Почна да се расчистува теренот и да се инсталира потребната инфраструктура за поставување на модуларна ковид болница во Струмица. Таа ќе се наоѓа зад административната зграда на струмичкиот медицински центар. На површина од околу 600 квадратни метри ќе бидат поставени 36 контејнери со околу 33 легла, од кои 18 ќе бидат за пациенти со лесна дијагноза, а 14 за оние на кои ќе им треба кислородна поддршка.

    „Просторот е тампониран и се очекува да бидат поставени контејнерите, во кои, според најавите, ќе има и мобилна рендген амбуланта, ехо апарат и молекуларна лабораторија. Се надевам дека ќе нема потреба од користење на овој дополнителен простор. Во ова болница ќе работат специјалистите од Инфективното одделение, но и други лекари“, кажа директорот на болницата Наќе Гогов, додавајќи дека бил распишан конкурс за прием на осум општи лекари и четири медицински сестри.

    Во последната недела, во Струмица состојбата е стабилна. Во моментов се лекуваат околу 60 пациенти на Инфективно и во дневниот ковид центар. Струмица и Куманово се градовите за кои министерот за здравство Венко Филипче најави дека до крајот на декември ќе добијат модуларна болница. Вакви болници се планирани и во Струга и Гевгелија.

    Според последните статистики, во моментов во Струмица има 568 активни случаи на коронавирус. Во овој регион досега има 1.785 заразени, а починале 69 лица.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира