За една година, Струмица треба да ги добие најавените велосипедски патеки во рамките на проектот „Струмица паметен вело град“, финансиран од програмaта „ЕУ за општините“. Механизација на фирмата „Жикол“ почна да ги гради двонасочните асфалтни патеки, почнувајќи од спортската сала, преку градскиот парк до булеварот Ленинова во должина од 700 метри. Во наредниот период ќе се градат велопатеки и на булеварот Ленинова, Маршал Тито и Климент Охридски, но и на десетина други улици во вкупна должина од околу 11 километри, главно во централното градско подрачје.
„Проектот го почнуваме во рамките на Европската недела на мобилност. Урбаната мобилност со велосипед има огромен потенцијал во Струмица, бидејќи најголем дел од патувањата се на блиски растојанија, а поголем дел од градот е на рамен терен. Велосипедот е транспорт погоден за климата, здравјето и семејниот буџет. Префрлувањето на дел од дневните патувања од автомобил на велосипед ќе резултира со намалени загадување, бучава и сообраќаен метеж“, кажа градоначалникот Костадин Костадинов.
Градењето на патеките ќе чини околу 300.000 евра. Ќе зафатат и дел од тротоарите, а на одредени позиции и дел од улиците. Целиот проект „Струмица паметен вело град“ чини 750.000 евра, во чии рамки се предвиден и низа активности кои треба да ја подигнат свеста за поголемо користење велосипед.
Се предвидува и набавка на опрема за воспоставување паметен систем за самоизнајмување велосипеди од една до друга дестинација во градот.
В. ТРАЈКОВ