ВО ТЕТОВО ЌЕ СЕ ОТВОРАТ ДВА ПУНКТА ЗА ВАКЦИНИРАЊЕ ПРОТИВ КОВИД-19

    ВО ТЕТОВО ЌЕ СЕ ОТВОРАТ ДВА ПУНКТА ЗА ВАКЦИНИРАЊЕ ПРОТИВ КОВИД-19Пунктовите ќе бидат поставени во Здравствен дом и во здравствениот објект „Монопол“ (Фото: СДК.МК)

    Во очекување да пристигнат вакцините против ковид-19, во Тетовскиот Регион финишираат подготовките за почетокот на вакцинирањето.

    Тоа ќе се спроведува на два пункта на Здравствениот дом, каде што вообичаено се врши имунизација на населението. Од оваа установа велат дека бројот на пунктовите по потреба ќе биде зголемен и ќе ги опфати и руралните средини, што најмногу ќе зависи од бројот на вакцините што ќе ги добијат.

    „Определени се два пункта за вакцинација, еден е во Здравствен дом Тетово, а вториот во здравствениот објект ‘Монопол‘. Доколку има потреба од помасовна вакцинација, може да се отворат пунктови и во руралните општини. Се очекува тим од Министерството за здравство да изврши проценка на капацитетите за спроведување на вакцинацијата во нашата јавно-здравствена установа“, изјави Борисав Јоргаќиески, директор на Здравствен дом.

    Согласно препораките од Светската здравствена организација и Министерството за здравство, во Здравствен дом Тетово се извршени и останатите подготвителни работи неопходни за спроведување на претстојната вакцинација.

    „Станува збор за протоколите за транспорт, чување и аплицирање на вакцините. За транспортот и чувањето е дефиниран таканаречен студен ланец. Ќе се изврши и обука на медицинскиот персонал: на докторите кои ќе ја даваат вакцината и медицинските сестри кои ќе помагаат во подготвувањето на вакцината и на пропратната документација“, вели Јоргаќиески.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира