Во тетовското основно училиште „Братство-Миѓени“ денеска беше пуштена во употреба сензорна соба за учениците со посебни потреби кои се вклучени во образовниот процес. Ова е прва ваква соба во тетовските основни школи, а е резултат на проектот „Инклузија на деца со посебни образовни потреби“, во кој беше вклучено ова училиште. Во опремувањето на сензорната соба свој придонес дадоа и неколку општествено-одговорни претпријатија од Тетово.
„Од 2020 сме дел од проектот, собравме донации од бизнис секторот да се опреми сензорната соба со потребните материјали, што ќе ги користат учениците со попреченост. Сензорна интеграција е процес кој прави брза перцепција на информациите и нивна обработка и после тие информации ги спроведува во секојдневните активности. Секој од нас зема информации од надворешната средина, но кај овие деца тие информации се нарушени, па преку сензорната терапија и материјалите ние правиме рехабилитација и третман соодветен за нивните способности“, изјави Мевљудије Алити, дефектолог и специјален едукатор во ОУ „Братство-Миѓени“.
Дел од активностите во рамките на проектот беше и панел-дискусија насловена „Улогата на локалната и бизнис заедница во поддршка на инклузивното образование“. Проектот го спроведуваат здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ и детската фондација „Песталоци“.
Во ова училиште, со централен објект и пет други дисперзирани објекти, има вкупно 1.700 ученици, од кои 35 се со посебни образовни потреби.
З. АНДОНОВ