ВО ТЕТОВО ПОСТАВЕНИ ЧЕТИРИ СЕМАФОРИ СО ЗВУЧНА СИГНАЛИЗАЦИЈА ЗА СЛЕПИТЕ И СЛАБОВИДИТЕ ЛИЦА

    ВО ТЕТОВО ПОСТАВЕНИ ЧЕТИРИ СЕМАФОРИ СО ЗВУЧНА СИГНАЛИЗАЦИЈА ЗА СЛЕПИТЕ И СЛАБОВИДИТЕ ЛИЦАПоставени се во близина на судот, кај Медицинското училиште, на булеварот Благоја Тоска во близина на тетовската болница и кај Шарена џамија. (Фото: СДК.МК)

    По повод Меѓународниот ден на белиот стап, посветен на слепите и слабовидите лица, во Тетово се пуштени во употреба четири семафори опремени со звучна сигнализација, кои ќе овозможат побезбедно преминување на сообраќајниците.

    Во Тетово и претходно имаше повеќе вакви семафори, но поради неодржување тие веќе не се во функција. Дел од семафорите беа отстранети и при изградбата на кружни текови на повеќе сообраќајници.

    „Едно од нашите барања беше на крстосниците каде што сообраќајот се регулира со семафори, тие да бидат опремени со звучна сигнализација. Сега нашето барање се реализира и во голема мера ќе се олесни преминувањето на крстосниците за слепите и слабовидите лица. Засега вакви семафори има на четири крстосници, но наше залагање е звучна сигнализација да се постави на сите семафори во градот“, вели Хамди Џамаили, претседател на Здружението на слепи и слабовидни лица од Тетово.

    Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, најави дека во наредниот период звучна сигнализација ќе се поставува и на други крстосници.

    „Денеска, одбележувајќи го Денот на белиот стап, пуштаме во употреба четири нови семафори со звучна сигнализација, кои на лицата со оштетен вид им овозможуваат побезбедно и понезависно преминување на крстосниците. Поставени се во близина на судот, кај Медицинското училиште, на булеварот Благоја Тоска во близина на тетовската болница и кај Шарена џамија. Планираме наскоро вакви семафори да поставиме и на други локации со поголем сообраќаен интензитет“, рече Касами.

    Во Здружението на слепи и слабовидни лица од Тетово се евидентирани 180 лица со оштетен вид.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира