Додека трае полицискиот час, низ Тетово се палат контејнери и се предизвикуваат пожари. Само ноќеска, тетовските пожарникари неколку пати интервенирале гаснејќи запалени контејнери.
„Ноќеска, за време на полицискиот час, противпожарната единица од Тетово интервенираше на четири места во градот каде беа запалени контејнери за смет. Апелираме да не се предизвикуваат пожари, а особено не во контејнери, со оглед тоа што така може да се предзвика домино ефект и да се запали и некое возило или објект“, велат од тетовската противпожарна единица.
СВР Тетово вчера околу 23:30 часот добил пријава од жител на Мала Речица дека во близина на сточниот пазар група млади лица запалиле дрвени греди и автомобилски гуми. Со интервенција на соседите огнот бил изгаснат, а полицијата работи на откривање на сторителите.
„Апелираме да не се предизвикуваат пожари. За вакви работи предвидени се пријави за три кривични дела, предизвикување општа опасност, загадување на животната средина и прекршување на полицискиот час“, изјави портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Некои лица постирале снимки од палежите на социјалните мрежи.
З. АНДОНОВ