ВО ТЕТОВСКИОТ РЕГИОН ЗА ДЕВЕТ МЕСЕЦИ КАЗНЕТИ 5.714 ВОЗАЧИ ЗА ПРЕБРЗО ВОЗЕЊЕ

    ВО ТЕТОВСКИОТ РЕГИОН ЗА ДЕВЕТ МЕСЕЦИ КАЗНЕТИ 5.714 ВОЗАЧИ ЗА ПРЕБРЗО ВОЗЕЊЕЧесто пати пречекорувањето на брзината било за 50-70 километри на час повеќе од дозволеното (Фото: СДК.МК)

    Патиштата Тетово-Скопје и Тетово-Гостивар за некои возачи се тркачки патеки на кои се вози и со 150, па дури и 200 километри на час, што е далеку над дозволената брзина. Но, драстични пречекорувања на брзината има и на локалните патишта во Тетовскиот Регион.

    Од СВР Тетово известија дека во изминативе девет месеци полициските службеници изрекле 5.714 мерки за пречекорување на максимално дозволената брзина.

    „Често пати пречекорувањето на брзината било за 50-70 километри на час повеќе од дозволеното. Во изминативе девет месеци при редовните и засилените контроли на патиштата во регионот биле изречени 5.714 мерки за пречекорување на максимално дозволената брзина, како на автопатните правци, така и на регионалните. На сите овие прекршители изготвени им се законски предвидени поднесоци и тие ќе се соочат со парични глоби од 45 до 400 евра во денарска противвредност, зависно од големината на пречекорувањето на максимално дозволената брзина. На екстремно брзите возачи времено ќе им бидат одземени и возачките дозволи од три месеци до една година. Пребрзото возење е најчеста причина за сообраќајни несреќи со најтешки последици“, соопшти портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

    Во неделата и понеделникот во Тетовскиот Регион се случија две тешки сообраќајни несреќи предизвикани од брзо возење, во кои животот го загубија двајца 18-годишници, едното од село Чегране, а второто од село Синичане.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира