Општина Центар ќе го преземе од Град Скопје издавањето одобренија за поставување тераси на кафулињата на јавна површина. Досега, газдите на локалите елаборатите за поставување урбана опрема ги носеа во Град Скопје и од таму им издаваа дозвола, а потоа Општина Центар требаше да контролира и урива ако има неправилности. Ова создаваше проблеми, бидејќи инспекторите и надлежните во Општината не знаеја што им е одобрено од Град Скопје, а кога имаше неправилности тие мораа да ги исправаат.
Одлуката ќе важи за кафулињата и кафаените во Мал ринг, Дебар Маало и во Градски парк, а треба да биде усвоена на денешната седница на Советот на Општина Центар.
„Веќе подолг период, Општината е одлучна да воспостави ред со поставувањето времени објекти и урбана опрема на својата територија. Сликата на терен покажува дека досегашните решенија биле избрзани, паушални и несоодветни. При поставување урбана опрема досега се окупирал јавен простор. И покрај тоа што постојат широки тротоари и дрвореди, неконтролираното и несоодветно поставување урбана опрема од секаков вид го наруши изгледот на просторот и ја уназади употребата на јавниот простор од граѓаните. Јавните површини наместо да бидат шеталиште за граѓаните се непроодни зони за пешаците и велосипедистите. Затоа, ја носиме оваа одлука со која ќе се унапреди јавниот простор и ќе се подобри неговото користење“, се вели во образложанието на градоначалникот Саша Богдановиќ доставено до Советот на Општина Центар.
Општината ќе има право да кажува и одредува каде е дозволено, а каде не е дозволено да се поставува урбана опрема. Газдите на локалите за да имаат тераса пред локалот ќе треба да имаат дозвола од 50 отсто од станарите на зградата. На површината каде ќе се поставуваат маси и столици да има слободна проодна површина од 2,5 метри почнувајќи од рабниците или велосипедските патеки. На оние тротоари каде има дрва, столбови или друга опрема тогаш просторот за пешаци не треба да биде помал од 1,2 метри.
А. АНТЕВСКА