ВО ВЕЛЕС ЌЕ СЕ ПЛАЌА ЗА ПАРКИРАЊЕ

    ВО ВЕЛЕС ЌЕ СЕ ПЛАЌА ЗА ПАРКИРАЊЕВелес е меѓу последните големи градови во земјава што воведува платено паркирање. (Фото: СДК.МК)

    Велес до крајот на годинава ќе воведе платен паркинг, одлучи Советот на Општина Велес, по предлог на ЈП „Парк спорт и паркинзи“. На седницата се официјализираа паркинг зоните каде сопствениците на автомобили ќе можат легално да ги паркираат возилата, со плаќање надомест.

    Од локалната власт очекуваат дека со ваквата одлука ќе се сопре сообраќајната некултура на паркирање кој кај ќе стигне, по тротоари и коловозни ленти, автобуски и такси стојалишта и потсетуваат дека Велес е меѓу последните големи градови во земјава што воведува платено паркирање.

    Со донесената одлука Велес има три паркинг зони, првата зона „А“ е црвена зона има три подзони, втората паркинг зона „ Б“ е зелена и има девет подзони, и третата паркинг зона „Ц“ е жолта и има две подзони. Цената за еден час паркирање во зоната „А“ е 30 денари, во зоната „Б“ е 20 денари и во зоната „Ц“ е 10 денари. Дневна карта за паркирање во сите зони е 400 денари. Донесена е и одлука во недела и на државни празници паркирањето да биде бесплатно за сите, а за граѓаните се издаваат повластени паркинг карти.

    Од „Парк спорт и паркинзи“ појаснуваат дека е во тек тендерска постапка со која се бара мобилен оператор преку кој ќе се врши плаќањето на паркинг услугата, а преку тендер се набавуваат и блокатори за автомобилите кои се непрописно паркирани. За непречено извршување на контролата на паркирањето предвидено е да се вработат околу десетина лица во претпријатието. Ако овие постапки завршат навремено, платениот паркинг во Велес би стартувал до крајот на годинава.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира