ВО ВЕЛЕС НЕ СЕ НАПЛАЌА ПАРКИРАЊЕТО, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЛЕВ ВЕЛИ ТАКА ЌЕ БИДЕ ДОДЕКА НЕ СЕ ИЗГРАДИ КАТНА ГАРАЖА

    ВО ВЕЛЕС НЕ СЕ НАПЛАЌА ПАРКИРАЊЕТО, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЛЕВ ВЕЛИ ТАКА ЌЕ БИДЕ ДОДЕКА НЕ СЕ ИЗГРАДИ КАТНА ГАРАЖАНа паркинзите во Велес веќе ги нема лицата кои наплатуваа бидејќи договорите им се истечени и нема да се продолжат. (Фото: СДК.МК)

    Во Општина Велес паркирањето нема да се наплаќа. На паркинзите во Велес веќе ги нема лицата кои наплатуваа бидејќи договорите им се истечени и нема да се продолжат. На 15 јануари им заврши договорот на десетината ангажирани со времено вработување преку ЈП „Парк, спорт и паркинзи“.

    „Јас зборував дека паркирањето ќе го ставам во мирување, ако станам градоначалник. Сметам дека одлуката за платен паркинг во Велес е избрзана. Но, се бара соодветно решение. Донесените планови се дека ќе се гради подземна катна гаража на три нивоа во центарот на Велес. Додека не се изгради таа катна гаража нема да има платено паркирање на постојните паркинзи“, кажа градоначалникот Марко Колев.

    Тој потенцира дека максимално се искористени 40-50 паркинг места во центарот на градот, додека паркинзите кај гимназијата и кај Автобуската биле празни како и пет други паркинзи биле неискористени.

    „Граѓаните со сегашниот систем се доведени во нерамноправна ситуација. Кој сака плаќа, кој не сака не плаќа, бидејќи немаме услови да казнуваме за тие што не плаќаат. Немаме т. н. канџи немаме пајак возило. Времено ангажираните лица беа изложени на временските услови, на студено, на ветер, на дожд, немаше каде да работат, немаа услови“, вели Колев.

    Тој кажа дека во наредниот период Упрваниот одбор на „Парк спорт и паркинзи“ треба да донесе одлука платениот паркинг да се стави во мирување, а потоа тоа да го прифати и Советот.

    За првите два месеца, август и септември, од функционирањето на платениот паркинг  од наплатата се собрани 481.105 денари. Во Велес, во двете зони на корисниците им се на располагање 11 јавни паркиралишта со 315 паркинг места. Цената за паркирање во зона А беше 30 денари, во зона Б е 20 денари, за еден час.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира