ВО ВЕЛЕС НЕДОСТИГА РАБОТНА СИЛА ОТИ МЛАДИТЕ ЗАМИНУВААТ ОД ЗЕМЈАВА

    ВО ВЕЛЕС НЕДОСТИГА РАБОТНА СИЛА ОТИ МЛАДИТЕ ЗАМИНУВААТ ОД ЗЕМЈАВАВо Велес фалат водоинсталатери, плочкари, нема ниту дрвосечи во планините, ниту овчари. (Фото: СДК.МК)

    Во Велес и Велешко има недостиг на работна сила оти младите масовно заминуваат надвор од државата. Одливот на млади и работоспособни се забележува и oд примерот на големите странски инвеститори.

    „Странските инвестиции ‘Кромберг и Шуберт’ од Илиндeн во Скопје како и ‘Маркард’ во Велес бараат работници, но за жал, работници во Велес за нивниот профил нема“, велат од велешката Агенција за вработување.

    Во Велешко, заедно со општините Градско и Чашка, според Агенцијата за вработување, во јуни годинава имало безмалку 4.000 невработени. Од нив млади на возраст од 20 до 30 години се 1.300 лица. Меѓу тие што заминуваат се и младите доктори.

    „Во приватното здраво има проблем да се вработи млад кадар. Доктори заминуваат оти процедурата е долга. Тие одат или во јавно здравство или во странство“, вели д-р Лили Чолакова-Дервишова.

    Преку лето, голем број од младите во Велешко сезонски работат во Хрватска и Црна Гора во угостителството, како келнери, готвачи и собарки во тамошните летувалишта. За нив сезоната започнува од мај и трае до октомври.

    „Веќе трета година работам во Далмација. Работа има, има гости, има потреба од нас. Само јас знам десетина велешани кои годинава работат во близината на Сплит. Барем за половина година ќе обезбедам средства, за до следната“, вели велешанец кој работи во угостителството.

    Списокот на занимања кои недостигаат во градот е подолг. Нема ниту водоинсталатери, плочкари, нема ниту дрвосечи во планините, ниту овчари.

    Според пописот од 2002, Општина Велес броела 55.108 жители, а пописот од 2021 покажа дека има 48.463 жители или у 6.645 помалку. Поголемата смртност од наталитет, повеќе внатрешно но и иселувањето од државата придонесоа за општината да има помал број жители. Ако во 2002 во Велес имало 8.300 жители на возраст од 20-29 години, 20 години подоцна, возрасната група од 40 до 49 години брои 6.700 жители. Или таа е најбројна возрасна група во општината, која со бележи пад во населението од 1.600 жители.

    Но, оние што се иселуваат велат дека не се бега само поради работа и пари, се бега во подобро општество, почиста животна средина, култура меѓу народот и функционирањето на институциите.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира