Во Велес беше промовирана првата единица за живеење со поддршка на лицата со попречености, кои досега биле згрижени во Специјалниот завод во Демир Капија. Во куќа во градот се згрижени пет лица и тие имаат 24-часовна грижа од пет лични асистенти, еден физиотерапевт и еден социјален работник.
„Овие лица добија топол дом и грижа. Се потрудивме и обезбедевме асистенти кои ќе работат со нив, со цел да имаат подобра грижа, нега, да направиме подбора социјализација и интеграција во општеството“, кажа Далиборка Златева, претседателка на Здружението на лица со церебрална парализа кое е лиценциран давател на социјалната услуга за живеење со поддршка во Општина Велес.
Таа најави дека во рамките на овој проект ќе отворат уште четири вакви домови, од кои еден е подготвен и наскоро ќе стартува во Градско. Во Македонија вакви домови има во Неготино, Демир Капија и Скопје. Домот за живеење на лица со попречености во Велес е финансиски поддржан од ЕУ и од ЦеПроСард.
„Овие нови мали групни домови ги претставуваат моделите и најдобрите практики за одговор на потребите на лицата со попреченост. Овие домови се јасен пример кој покажува дека лицата со попреченост немаат некои посебни потреби и не бараат посебен третман во институциите. Единствена е потребата да бидат еднакво третирани. Општеството мора да се бори против дискриминацијата, а различноста да ја гледаат како позитивен момент“, кажа Стефан Худолин, раководител на секторот за соработка при Делегацијата на Европската Унија.
Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска рече дека со отворањето на овој дом во Велес продолжува деинституционализацијата на лица од Специјалниот дом од Демир Капија. Таа посочи дека во социјалните установи од овој вид во земјава останале 240 лица, меѓу нив не било ниту едно дете под 18 години , а во 2017 биле сместени 480 корисници со и без попреченост.
П. ПЕЧКОВ