ВО ВЕЛЕС СЕ ТЕСТИРА КАКО ЌЕ ФУНКЦИОНИРА ПЛАТЕН ПАРКИНГ, НО ЗАСЕГА НЕ СЕ НАПЛАТУВА

    ВО ВЕЛЕС СЕ ТЕСТИРА КАКО ЌЕ ФУНКЦИОНИРА ПЛАТЕН ПАРКИНГ, НО ЗАСЕГА НЕ СЕ НАПЛАТУВАЛицата со елеци засега само им објаснуваат на луѓето како ќе оди наплатата (Фото: СДК.МК)

    Појавата на униформирани лица на велешките паркинзи беше повод да се рашири веста дека тие почнаа да се наплатуваат. Дури и на паркингот кај Пионерскиот дом имаше голем број празни места, оти луѓето избегнуваа да ги паркираат возилата таму.

    „Кога отидов да го паркирам автомобилот, лица со елеци кои се претставија како инкасатори ни кажаа дека треба да го повикаме бројот на мобилниот оператор за да може да се користи паркинг просторот. Тоа и го сторив“, вели еден велешанец.

    Директорот на ЈП „Парк спорт и паркинзи“, Љупчо Иванов, објаснува дека ова е тест период и паркингот не се наплатува.

    „Официјално не сме почнале со работа. Луѓето се на терен, таблите се поставени. Не се наплатува паркингот во градот. Лицата кои се на паркинзите им укажуваат на луѓето кои ги оставаат возилата дека наскоро ќе почне да се наплатува. Се делат флаери и се укажува каква ќе биде натамошна постапка. Се усогласуваат мобилните оператори. Иако испратиле порака, пари не им се земени од сметката“, кажа Иванов.

    Тој додаде дека официјалниот старт ќе биде најавен со прес-конференција за да може граѓаните да бидат благовремено информирани. Одлуката за платен паркинг Советот на Општина Велес ја донесе на седницата од 23 ноември минатата година.

    Јавните паркиралишта од отворен тип на територијата на Општина Велес се класифицираат во три зони, утврдени според интензитетот и фреквенцијата на сообраќајот.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира